Денес македонската машка ракометна репрезентација ја има првата можност да обезбеди пласман на Европското првенство во Хрватска 2018, гостувајќи кај незгодната репрезентација на Украина.

Благодарение на вчерашната победа на Чешка над репрезентацијата на Исланд (27:24), со евентуална денешна победа нашите репрезентативци ќе се пласираат на ЕП во Хрватска, бидејќи ќе имаат по 6 бодови со Чешка на врвот од табелата. По што исходот на последниот натпревар во Скопје помеѓу нашата репрезентација и Чешка, ќе биде само за престиж и борба за првата позиција на табелата. Во спротивно, дотолку бидеме поразени во Украина, нашите репрезентативци ќе ја бараат својата шанска за пласман на ЕП на последниот натпреварот со Чешка, во Скопје.

На првиот натпревар во Скопје, Македонија ја совлада репрезентацијата на Украина со 27:21, под раководство на Лино Червар. Но покрај убедливата победа во Скопје, нашите ракометари се свесни дека Украинците многу подобро се снаоѓаат кога играат пред своите гледачи.

„Ги гледавме нивните средби со Исланд и со Чешка, на кои славеа на домашен терен. Тоа е сосема поинаква репрезентација кога игра пред своите гледачи, поседува квалитет, не е селекција од „четврт шешир“ што вообичаено е тотален аутсајдер. Јасно ни е дека нема простор за потценување на противникот, Македонија ќе мора да одигра најдобро што знае за да стигне до победата. На крајот, се ќе зависи од нас и нашето издание“ – Филип Миркуловски.

Денешниот натпревар се игра од 18:00 часот, а Раул Гонзалес ги има на располагање сите ракометари, освен Велко Маркоски кој поради повреда ќе го пропушти овој натпревар.

Среќно момци, израдувајте ја Македонија! #СоСрцеЗаМакедонија