кире лазаров сп 2019 јапонија

Македонија денес ја очекува вториот натпревар од групната фаза на Светското првенство во Германија и Данска. Во Минхен Македонија ќе се соочи со вице-шампионот на Азија, Бахреин.

Бахреин за нас е релативно непозната селекција со која досега се немаме соочено во официјален натпревар. Се работи за селекција која од 2014 редовно доаѓа до финалето на Азискиот шампинот, каде три пати по ред губи од Катар. На светските првенства досега имаат играно два пати – во 2011 и во 2017 – и во двата наврата завршиле на 23 место.

Селекцијата на Бахреин ја предводи Арон Кристијансон, поранешниот селектор на Исланд (2012-2019), кој дојде на таа позиција по одлуката на Гудмундур Гудмундсон да ја предводи селекцијата на Исланд на овој шампинот. Играчите на Бахреин главно играат во домашното првенство.

Во подготвителниот период Бахреин играше со Австрија (пораз со 31:22), Грција (победа со 27:19) и два меча со Исланд (порази од 36:24 и 36:19). Настапот на ова Светско првенство го започнаа против Шпанија и одиграа квалитетен натпревар, иако на крајот загубија со висока разлика (23:33).

Нашиот селектор и нашите ракометари се претпазливи пред оваа пресметка. Раул Гонзалес изјави дека Бахреин е различна селекција од Јапонија и дека треба да бидеме претпазливи, да играме трпеливо и да градиме разлика. Кирил Лазаров, како и во претходните изјави, не дава лажна надеж за големи дострели и повторно потсети на младоста и неискуството на новата македонска селекција:

„Победа со Бахреин би ни значела многу. Очекувам тежок меч и голема борба. Мораме да сме максимално сконцентрирани и да одиграме најдобро, за да можеме да се надеваме на победа. Важно е што здравствениот билтен е добар. Тоа ме радува, тоа значи дека утре сите можеме да дадеме максимум. Ме загрижува тоа што од утре играме ден за ден. Нема да имаме пауза, нема да имаме време за анализирање, за рекуперација. Да не се повторувам дека ростерот ни е таков каков што ни е, подмладен, неискусен.“

Натпреварот започнува во 14:00 часот, со директен пренос на МРТ1.