Женската ракометна репрезентација до 20 години изминативе 3 дена беше дел од квалификациите за СП што ќе се одржи во Русија годинава. На овој квалификациски турнир кој се одржа во Плезир, Франција нашата младинска селекција беше во група заедно со репрезентациите на домаќинот Франција, на Словенија и на Израел. Нашата репрезентација на овој турнир го освои третото место и со 1 победа и 2 порази не успеа да обезбеди учество на претстојното светско првенство за младинки.
Единствената победа нашите младинки ја извојуваа против последно пласираната селекција на Израел, која уште на самиот старт важеше за тотален аутсајдер во групата. Прикажаната игра и остварениот резултат против Израел не беа вистински показател и најава за наредните два натпревари против репрезентациите на Словенија и Франција кои убедливо ги загубивме.
Македонија – Израел 41:17 (22:5)
– Нашата младинска селекција имаше успешен старт на квалификациите за СП откако во воведниот натпревар против репрезентацијата на Израел извојува висока победа 41:17. Во текот на целиот натпревар Македонија имаше водство, а победникот на овој дуел беше веќе познат уште по истекот на првите 30 минути (22:5). Второто полувреме беше само формалност, но и шанса да покажат што знаат оние ракометарки кои немаат доволна минутажа на натпреварите. Од минута во минута, водството на нашата репрезентација се зголемуваше и достигна до највисоки +24 разлика, за конечни 41:17. Најефикасни на овој прв натпревар на овие квалификации беа Ристовска со 11 и и Нолевска со 7 голови.
Македонија – Словенија 20:26 (12:14)
– Нашата младинска репрезентација доживеа пораз во вториот квалификациски натпревар на кој противник ни беше селекцијата на Словенија. Македонија за овој втор натпревар направи една измена во составот, иако поучени од минатогодишните квалификации за ЕП во Шпанија, се чинеше дека составот на репрезентацијата не се менува, сепак селекторот Симовски се реши за измена на пикерската позиција на која на местото на Теодора Ципушева се најде Зорица Михајлова. Понесени од високата победа над репрезентацијата на Израел, нашите ракометарки одлично го започнаа натпреварот. На самиот старт се играше гол за гол, а последно водство нашите ракометарки го имаа при резултат 4:3. Од овој момент, нашите противници го засилија темпото и успеаа резултатски да се одлепат и да поведат, а полувремето да го завршат со 2 позитива (12:14). Веќе на самиот старт на второто полувреме, словенките со добра игра во нападот и пред се во одбраната успеаа да направат серија од 3 гола за сигурно водство од +6, 13:19. Иако успеавме да ја преполовиме оваа предност на словенките 16:19, сепак не издржавме до крај и повторно дозволивме да имаме 6 голови негатива и така да го завршиме натпреварот, 20:26. На овој натпревар најефикасни во нашиот состав беа Ристовска со 7 и Керамичиева со 5 голови.
Македонија – Франција 21:33 (12:16)
– Со вториот пораз овој пат од домаќинот Франција, нашата младинска репрезентација не успеа да се квалификува на светското првенство во Русија кое ќе се одржи оваа година. Овој трет натпревар беше одлучувачки за нашата репрезентација и за да завршиме на првото место во групата кое носи учество на СП потребна ни беше победа над репрезентацијата на Франција со минимум 6 голови разлика. Сепак се случи спротивното, овој одлучувачки натпревар убедливо го загубивме од репрезентацијата која на изминатото европско првенство заврши како деветта, 21:33. Уште на самиот старт, французинките прикажаа одлична игра и одлично го започнаа натпреварот. По воведните 10-тина минути, французинките направија одлична серија и резултатот на семафорот беше 3:10. Нашите ракометарки се соземаа, па со 5 голови во серија успеаа да дојдат до 2 негатива, 12:14, но тоа кратко траеше затоа што расположените французинки повторно постигнаа брзи 2 гола и на пауза заминаа со резултат 12:16. Иако очекувавме дека играта на нашите ракометарки ќе се подобри, сепак нашата игра беше се полоша и полоша, изразена со многу технички грешки како и шутеви од неизградени позиции. Овие наши грешки, домаќинот успешно ги искористи и на 4 минути до крајот на натпреварот ја имаше највисоката предност, 20:33. Најефикасни на овој натпревар беа Нолевска со 6 и Гичевска и Ристовска со по 4 голови.
Со 2 порази и 1 победа од 3 натпревари, нашата младинска селекција не успеа да обезбеди учество на претстојното СП во Русија, додека домаќинот Франција со 3 победи беше најефикасна репрезентација на овој квалификациски турнир и сосема заслужено обезбеди настап на СП за младинки.