Македонија славеше над репрезентацијата на Грузија со резултат 25:21, во првиот од двата натпревари кои нашите ракометари ќе ги одиграат со овој противник во СЦ „Борис Трајковски“.
Трет пријателски натпревар на нашата репрезентација, во кој ја забележа втората победа. Без капитенот Кирил Лазаров, со комбиниран состав и лимитирана минутажа на поискусните играчи, во еден тежок натпревар на крај успеаја да слават победа над Грузија.
Репрезентацијата на Грузија се покажа како силен противник и во првото полувреме беше сосема рамноправна. „Црвено-жолтите“ го отворија одлично натпреварот, каде после почетното водство на Грузија од 0-1, со серија се одлепија и поведоа со 6-2. Но, потоа следуваа неколку грешки и промашени зицери, кои репрезентативците на Грузија максимално ги искористија за враќање во натпреварот и заминување на полувреме со резултат 12:12.
Во второто полувреме се продолжи со истата игра, доста грешки и промашени зицери. Се мачеше нашата репрезентација да го скрши отпорот на Грузијците, кој сепак на крајот попушти. Во последните 10 минути нашата репрезентација преку Костески, Танкоски, Арсеновски и Димитриоски се одлепи резултатски и на крајот славеше победа од 25:21.
Најефикасни на натпреварот беа Поповски, Пешевски и Велковски со по 4 погодоци, КОстески со 3 постигнати погодоци. На голот Борко Ристовски забележа 13 одбрани, со што помогна во одржувањето на минималната предност низ целиот денешен натпревар.
Утре со почеток од 16:00 часот, ќе се игра и вториот натпревар помеѓу овие две репрезентации.
Фото: Екипа.мк