Дејан Манасков Македонија

Македонија со победа го започна настапот на Светското првенство во Германија и Данска. На старт совладана беше Јапонија со 29:38.

Македонските репрезентативци во текот на целиот натпревар имаа контрола во резултатот. Јапонија водеше само во два наврати – при почетните 1:0 и уште еднаш при резултат 4:3. Потоа Македонија влезе во ритам и брзо ја превзеде контролата над резултатот. Нападот функционираше одлично и повторно како и на Европското првенство минатата година видовме една децентрализирана игра која не се базира целосно на шутот на Кирил Лазаров.

Особено добро функционираше комуникацијата со пикерите, па Пешевски (4/4) и Стоилов (6/8) играа одлично и изнудија дури пет седмерци. Голем дел од нивните погодоци беа постигнати при играта седум на шест во второто полувреме. Се истакнаа и нашите три крила кои комбинирано постигнаа 11 погодоци.

Сепак ова издание на Македонија не беше совршено бидејќи одбраната не функционираше на највисоко ниво. Често не можевме да најдеме решение за брзите Јапонци и многу од нивните погодоци беа постигнати од контра или полуконтра. Тоа е еден аспект на играта кој мора да се подобри, бидејќи поквалитените репрезентации како Шпанија и Хрватска максимално ќе ги користат сите наши пропусти. Пропустите на одбраната беа надокнадени од одличното издание меѓу стативите на Борко Ристовски, кој мечот го заврши со дури 19 интервенции (45% одбранети удари)

Меѓу стрелците во тимот на Македонија се истакнаа Кирил Лазаров со 8 погодоци и Дејан Манасков со 7 погодоци. Во Јапонија се истакнаа Ватанабе со 5 и Шида со 4 погодоци.