По вчерашната убедлива победа против репрезентацијата на Србија, денес во вториот контролен натпревар нашата репрезентација повторно славеше, но овојпат со минимални 28:27.
За разлика од вчерашниот натпревар, денешниот натпревар беше од затворен карактер во кој двајцата селектори ги испробаа своите тактики во нападот и одбраната. Шанса на теренот добија голем дел од играчите кои вчера добија скромна минутажа или воопшто не влегоа во игра.
Нашите репрезентативци го контролираа резултатот во поголемиот дел од натпреварот, заминувајќи на полувреме со резултат 16:13. Во второто полувреме гостите успеаја во финишот да го израмнат резултатот на 27:27, по што во последниот напад на нашите ракометари Филип Лазаров погоди за втора победа над репрезентацијата на Србија.
Најефикасни на натпреварот беа Жарко Пешевски со 7 и Кире Лазаров со 5 постигнати погодоци, додека на голот блесна Митревски со 13 успешни одбрани.