Македонската женска ракометна репрезентација утре ќе гостува во Марибор од 17:30 часот, каде ќе проба да и се спротистави на репрезентацијата на Словенија, предводена од поранешниот помошник тренер во ЖРК Вардар, Урош Брегар во рамките на квалификациите за ЕП во Шведска.
По првите два одиграни натпревари, двете репрезентации забележаа пораз од репрезентацииите на Хрватска и Црна Гора. Но, фаворитската улога е препишана на Словенија. Репрезентација која со своето големо искуство ќе атакува на две победи над нашата репрезентација, со кои ќе дојде поблиску до место кое ќе ги однесе на ЕП во Шведска.
Во составот на Словенија по повредите се враќаат Ана Грос (десен бек) и Лина Крликар (лев бек), со што заедно со добро нас познатата Барбара Лазовиќ ќе бидат страв и трепер за нашите млади ракометарки во нападот или можеби плус мотив да одиграат многу подобро и да им се спротистават.
Иако квалитетот е на страната на репрезентацијата на Словенија, нашите ракометарки нема да се предадат предвреме. Туку напротив овој натпревар е шанса за нив да го покажат својот несомнем квалитет и да го зголемат своето искуство, кое е од големо значење, знаејќи дека немаа можност да одиграат вакви квалитетни натпревари во првенството.
МакРакомет разговараше со ракометарката на ЖРК Металург, Елена Ливриниќ околу престојниот натпревар и нејзините очекувања околу истиот. Еве што изјави:
„Пред нас стои голем предизвик, квалитетна репрезентација кој поседува доста воиграна и искусна бековска линија. Работевме доста напорно на тренинзите, ја проучувавме нивната игра. Владее доста позитивна атмосфера во репрезентацијата. Мотивирано ќе влеземе во натпреварот, каде се надевам дека ќе пружиме максимален отпор и спротиставиме на словенките.“ – изјави Ливриниќ.
Натпреварот ќе се одигра утре од 17:30 часот, со директен пренос на МРТ.