Ракометарите на Макс Струмица вечерва на домашен терен го совладаа Охрид со 28-23, со што со една нога веќе се во Европа. Победа со која се зацврстија на третото место на табелата, кое води во ЕХФ Купот следната сезона.

РК Охрид на последните натпревари, како да не е онаа екипа која ја гледавме во текот на првенството. Вечерва добро го отвори натпреварот, поведувајќи со 1:3. Водство кое го одржуваше до пред самиот крај на првото полувреме, каде струмичани направија серија од 4:0 и на полувреме заминаа со 12:9.

Во вториот дел охриѓани се доближија на 14:15, но немаа сили да направат пресврт. А тоа расположените струмичани го искористија и водството од 3-4 погодоци, рутински го одржуваа до самиот крај.

Најефикасни кај домаќините беа Соколов со 10 и Мајиќ со 6 постигнати погодоци, додека кај гостите Павловиќ со 9 и Хогас со 5 постигнати погодоци.