На денешниот собир во хотелот „Александар Палас“, ракометарите го имаат првиот официјален собир пред почеток на Европското првенство во Хрватска. Собир на кој веќе почнаа сите математики, желби, очекувања за престојното Европско првенство во Хрватска, на кое нашата репрезентација ќе ја предводи искусниот шпански стратег Раул Гонзалес.
Една желба имаше Дејан Манасков, а тоа да ја победат силната Словенија уште во првото коло од групната фаза.
„Во овие моменти најважно е здравјето, сите да останеме “фит“ бидејќи доаѓаме на овој собир по напорен период со своите клубови. Јас гледав на ТВ кога дел од моите колеги последен пат играа во Вараждин на она СП во 2009 година, знам колку беше убаво чувството меѓу сите Македонци во тој период и сакаме повторно да им донесеме радост. Искрено верувам дека сме способни за добар резултат, ќе одиме натпревар по натпревар, нема да летаме во облаци, туку ќе се фокусираме чекор по чекор. Знаете како е со Македонија, никогаш ништо не се знае, можеме да загубиме од Црна Гора, а да ја добиеме Германија. Ние сме такви какви што сме, немаме 20 играчи како Германија, но секогаш го даваме максимумот. Мене лично најголема желба ми е да ја добиеме Словенија, селекција со која се мачиме во последните години, но за која верувам дека со добра игра и вистински пристап можеме да ја совладаме“ – изјави Дејан Манасков.