Вечерва ракометарите на Металург 2 ја забележаа својата втора победа сезонава над Работнички, со конечни 27:33. Победа со која го отворија третото коло во рамките од ВИП Супер лигата. Младите металурзи продолжуваат со својата добра игра, покажувајќи дека имаат многу што да покажат оваа сезона и да замрсат сметки на другите екипи.
Ослабениот Работнички очекувано загуби, а тоа го потврдија „плаво-белите“ уште на почетокот на натпреварот, кога после 9 минути игра, имаа водство од 2:7. Покажаа дека составот на Весиќ не е на иста висина на нивното ниво, и продолжија да ја зголемуваат предноста, за на полувреме заминат со убедливи 11 погодоци разлика, 10:21.
Во второто полувреме, продолжија со истата игра. Не дозволуваа ракометарите на Работнички да се приближат резултатски, одржувајќи ја предноста се до самиот крај. Во финишот од натпреварот тренерот на Металург 2, Петровски им даде шанса и на ракометарите кои немаат голема минуташа во дресот на Металург 2, по што ракометарите на Работнички усепаа само да го намалат водство, за на крај на семафорот резултатот гласеше 27:33.
Најефикасен кај Работнички беше Симоноски со 10 постигнати погодоци, додека кај Металург 2 беше Димитриоски со 9 постигнати погодоци.
Викендов се играат останатите натпревари од третото коло:
- Прилеп 2010 – Еурофарм Работник (Сабота од 19:00 часот)
- Радовиш – Вардар Јуниор (Сабота од 19:00 часот)
- Тинекс Пролет – Пелистер (Недела од 18:00 часот)
- Охрид 2013 – ГРК Борец (Недела од 18:30 часот)