Денес, со почеток во 14 часот во малата сала на спортскиот центар ,,Јане Сандански“ се одигра дерби натпреварот помеѓу двете скопски екипи ЖРК Металург и ЖРК Вардар Јуниор кој заврши со победа на гостинките 17:25 (7:15). Ова беше втора меѓусебна средба во рамките на овогодинешнето натпреварување во СКОПСКО Супер лигата. Првиот натпревар кој се одигра во Автокоманда заврши со минимална победа на Вардар Јуниор со 1 гол разлика. На оваа втора средба, тимот на Вардар Јуниор осоколен од исходот од првата средба премногу самоуверено и со одредена доза на ароганција на поедини играчи влезе во натпреварот што на крајот ги чинеше убедлив пораз.

Ракометарките на Металург сигурно го започнаа натпреварот и уште на самиот почеток дадоа до знаење кој ќе биде главен на теренот на денешната средба и со тоа да го поправи впечатокот за минималниот пораз, но и да се вратат на првото место на табелата. Со добра игра во одбаната и успешна реализација во нападот, како и мудрата тактика на тренерот Петровски со успешна ротација на играчите, Металург успеа да се наметне уште на самиот почеток. Металург во текот на целиот натпревар имаше константно водство (највисоко +12, 9:21), и во ниту еден момент не беше доведено прашањето за победникот на овој натпревар.

При резултат 7:15 започна второто полувреме, во кое сите очекуваа играта н Вардар Јуниор да се поправи и резултатски да се приближи, сепак избраничките на Симовски продолжија со голем број на технички грешки кои гостите успеваа да ги искористат. До крајот на натпреварот вардарки успеаа да ја намалат разликата на -8 голови, која реално според прикажаната игра требаше да биде и повисока. Најефикасна на  овој натпревар од екипата на Вардар Јуниор беше Прленда која постигна 4 голови, а од екипата на Металург се истакна Саздовска која постигна 6 голови. На оваа средба одлична партија прикажа и голманката на Металург, Наташа Антиќ која имаше прекрасни интервенции.

Се на се, на овој натпревар ЖРК Вардар Јуниор не беше препознатлив според играта што ја прикажа, а и за ракометната јавност делуваше по малку изненадувачки со оглед на тоа дека оваа екипа изминатиот период како  младинска женска репрезентација,  дел од сениорската репрезентација, како и учеството и историскиот успех во Челинџ купот имаше засилен тренажен процес и контролни средби за разлика од екипата на Металург.

ЖРК Вардар Јуниор – ЖРК Металург 17:25 (7:15)

ЖРК Вардар Јуниор:  Белмезова, Ладева, Прленда 4, Петровска 1, Трпковска, Георгиевска 2, Николовска 1, Бојаџиска 1, Митова, Нолевска, Велкова, Трајчевска, Џини, Керамичиева 3, Мишевска 3. Исклучувања: 4х2 мин. 7м: 1/0

ЖРК Металург:  Антиќ, Серафимова, Дурланова, Каранфиловска, Белеска 3, Јовановска 3, Николиќ 4, Цаневска, Дабевска 1, Ливриниќ 4, Саздовска 6, Величковска 2, Петковска 2. Исклучувања: 4х2 мин. 7м: 3/3.