Ракометарите на Металург попладнево од 17:45 часот во СЦ „Борис Трајковски“ против екипата на Горење, ќе го одиграат последниот натпревар на домашен терен во регионалната СЕХА лига. Екипа која е фаворит на хартија, поради првиот натпревар во кој го победи Металург на домашен терен со 23:18, каде „плаво-белите“ одиграа еден многу лош натпревар со многу грешки.
Но, тренерот на Металург, Лино Червар верува дека своите ракометари може да дојдат до поволен резултат.
„После Целје тие се најдобрата екипа во Словенија. Освен поранешните вардарци Тоскиќ и Брумен, во составот ги имаат и Цехте, Левец и Митровиќ. Не надиграа во првиот дуел со цврста одбрана 6-0, играа агресивно и ние тешко доаѓавме до гол. За нас Горење е незгоден противник бидејќи покрај одбраната имаат и брза транзиција и на првиот натпревар ни правеа многу проблеми со брзите контри и полуконтри. Играат со таква динамика што нема да биде лесно. Мислам дека мора да најдеме решение за тоа. Тие се фаворити на хартија, но ние ќе се обидеме да го решиме проблемот со нивната одбрана. Ќе биде интересен натпревар.“ – најави Лино Червар.
Металург во пресрет на овој натпревар се соочува со проблеми во составот. Поради казната Жарко Пешевски нема да биде во составот, а истотака прашалник е настапот на Марко Нелоски, кој има проблеми со коленото.
По 15 одиграни натпревари, Металург е на 7-то место на табелата со 4 победи, 1 реми и 10 порази. Горење е едно место подолу со 4 победи и 10 порази, но со еден натпревар помалку од Металург.
До крајот на регуларната сезона, Металург има уште два натпревари на гостински терен (Извиѓач и Нексе). Добра вест е тоа што екипата на Горење во досегашните 7 натпревари на гостински терен нема победа, па нека остане така и денеска!