Екипата на Металург денес дојде до нова победа, откако на домашен терен успеа да слави над солидната екипа на РК Прилеп 32:24 (17:12). И двете екипи одлично го започнаа натпреварот, гостинската екипа прва го отвори резултатот, но екипата на Металург брзо врати за прво изедначување на резултатот 1:1. Следуваа неколку изедначувања на резултатот, се до моментот кога екипата од Автокоманда резултатски се одлепи на 6:3. Ракометарите на Прилеп со одлична игра во нападот и во одбраната успеаа да дојдат повторно до изедначување и до резултат што ги остава во игра. По 25-тата минута следуваше одлична серија на ракометарите на Металург и благодарение на неколкуте голови во низа тие заминаа на заслужен одмор со позитива од 5 голови 17:12.
Во второто полувреме доминираше екипата на Металург, а одличен на голот на домашната екипа беше младиот голман Томовски кој за 20 минути успеа да прими само 4 голови. Металург лесно ги користеше и успешно ги реализираше нападите, а највисоката предност достигна до +10, 27:17, а потоа и +12. Во составот на Металург се врати и Лука Мраковчиќ кој беше стрелец на 2 гола. Металург до крајот на натпреварот ја полнеше мрежата на прилепчани и извојува убедлива победа.
Со оваа победа Металург останува на втората позиција и е во трка за шампионската титула заедно со екипата на Вардар.