Ракометарите на РК Металург вечерва му гостуваат на словенечкиот тим на Целје во рамките на СЕХА лигата, каде ќе се обидат да одиграат еден натпревар против екипата, која пред неколку дена му зададе проблеми на македонскиот шампион, Вардар.
Видно ослабен, без Филип Талески и Марко Нелоски, РК Металург ќе проба да го изненади фаворизираниот тим на Целје. Екипа која се наоѓа на 5-та позиција на табелата, со 7 победи и 6 порази.
Стратегот од клупата на Металург, Лино Червар истакна дека Целје во многу работи наликува на неговиот тим.
„Му гостуваме на уште еден силен противник, кој јас особено го почитувам, поради одличната работа со млади ракометари. Екипата на Целје во многу работи наликува на нас, а мојот помлад колега Бранко Тамше работи извонредно и тоа ја прави оваа екипа посебна. Ова ќе биде двобој на две млади екипи, кои се перспектива на СЕХА-лигата и на Лигата на шампионите. Се надевам дека публиката ќе ужива на овој натпревар во кој домашниот тим е фаворит“
Натпреварот ќе се одигра од 20:00 часот, со директен пренос на МРТ.