Ракометарите на РК Металург попладнево гостуваат кај последно пласираната екипа на табелата во регионалната СЕХА лига, Извиѓач. Предпоследен натпревар за „плаво-белите“, во кој ќе пробаат да ја продолжат својата добра серија и со евентуална победа да бидат чекор поблиску до освојувањето на 6-то место на табелата, веднаш зад првата петорка која се бори за пласман на Ф4 турнирот.

Тренерот на РК Металург, Лино Червар нема да биде со тимот на гостувањето, но предупредува дека неговиот млад тим го чека тежок натпревар.

„Натпреварот против Извиѓач ќе биде добра шанса да ја потврдиме добрата форма. И покрај позицијата на табелата, сигурен сум дека нема да биде лесно да победиме. Играме на гостински терен, мора да бидеме внимателни. Извиѓач и против посилни тимови покажа дека знае добро да игра на домашен терен“ – изјави Червар.

Првиот натпревар на овие два тима во Скопје заврши со висока победа на Металург од 36:22.
Натпреварот ќе се одигра од 17:00 часот, со директен преност на МРТ.

*Последниот натпревар во ова натпреварување Металург ќе го има во Хрватска на 7-ми март, кога ќе и гостува на екипата на Нексе.