Ракометарите на Металург вечерва од 20:30 часот, во СЦ „Борис Трајковски“ ќе го одиграат четвртиот натпревар во СЕХА лигата против словачкиот првак Татран Прешов, кој сезонава ќе биде нивен противник и во Лигата на шампионите.
Екипа која одигра два натпревари, во кои забележа една победа (против Нексе, со 31:25) и еден пораз (против Целје, со 25:31). По состав слична како и РК Металург, што ветува еден крајно неизвесен натпревар, во кој сите љубители на ракометот очекуваат конечно „плаво-белите“ да стигнат до првата долго посакувана победа.
За разлика од Татран Прешов, екипата на Металург досега одигра три натпревари во СЕХА лигата, кои ги загуби минимално (против Вардар, Веспрем и Мешков Брест), но покажа дека поседуваат квалитет и дека оваа сезона можат повеќе од минатата.
Затоа тренерот Лино Червар верува дека конечно е дојдено време за победа, но за да се стигне до неа, неговите избраници ќе мораат добро да се помачат.
„Татран е екипа која е еднаква како и ние и сигурно располага со сила како и екипите во нашата група од Лигата на шампиони. Имаат одлични играчи во своите редови, не за бадијала се најдобра екипа во Словачка. Ниту еден натпревар не е лесен, ќе мора да ги намалиме техничките грешки ако сакаме успех. Имаме повредени ракометари (Милош Драгаш, Немања Младеновиќ и Мартин Велковски), но тоа е што е, одиме понатаму и ќе ги искористиме сите средства за победа во СЕХА. Против Мешков покажавме одредени слабости кои очекувам да ги поправиме. Дуелот со словачкиот тим ќе биде голем испит за нас пред Елверум во ЛШ“ – изјави Червар.
*Директен пренос од натпреварот на МРТ.