Ракометарите на Металург вечерва се пред голем предизвик, да издвојуваат победа над Татран Прешов во рамките од 8-то коло во Лигата на шампионите. Победа која ќе го однесе високо на третото место на табелата, каде веќе во следното коло (11-ти декември) ќе има дуректен дуел со Ла Риоха за второто место.
По сплет на околности и изедначената група Ц, екипата на Металург се здоби со голема шанса за да постигне добар успех оваа сезона. Но, за сето тоа да се исполни вечерва младите ракометари на Металург мора да изгинат на терен, да го дадат својот максимум, да одиграат цврство и сконцентрирано во одбраната и разновидно во нападот, по што не би требало да има проблеми да се совлада Татран Прешов.
На првиот натпревар на гостински терен, Металург одлично го отвори натпреварот и солидно одигра во првото полувреме. Но, потоа се случи пад во играта, деконцетрација, по што следуваа неколку технички грешки, кои ракометарите на Татран Прешов ги искористија за пресврт и убедлива победа од 27:22.
Лино Червар ќе ги нема во составот Младеновиќ и Драгаш, а настапите на Нелоски и Велковки сеуште се неизвесни поради повреди.
„Во краток период игравме три меча – против Елверум, па дерби со Вардар, а сега меч во ЛШ против Татран. Знаеме добро дека тие се сериозен противник, таму загубивме, иако имавме добар влез во мечот, па дури и 9-2 не беше доволно. Тие покажаа дека знаат да прават пресврти. Победија против Чеховски, очекувам тежок натпревар, имаат три добри играчи – Храбек, Пешков и Урбан. Добра бековска линија, околу која се врти се во нападите. Не смее да го заборавиме и Хрстка, крилото на Чешка кој на последниот дуел против Македонија ги покажа своите квалитети“ – изјави Червар.
Влогот во натпреварот е голем, се очекува да биде еден тежок и цврст натпревар, каде и самите ракометари се свесни за тоа и воедно ја повикуваат публиката да дојде во што поголем број.
„Денес е нашиот последен натпревар од Лигата на шампионите на домашен терен за оваа година. Не очекува тежок натпревар за кој се спремаме неколку дена. Знаеме како отворивме во Прешов, но и како заврши мечот. Се надевам дека ќе имаме максимална подршка од нашите навивачи и на крајот заедно ќе се радуваме.“ – изјави Жарко Пешевски.
Натпреварот започнува од 17:30 часот, со директен пренос на МРТ.
Среќно момци!