По тесниот триумф над Елверум во првото коло од ЛШ, остварен практично во последната секунда со голот на Филип Талески, ракометарите на Металург со оптимизам го очекуваат вториот меч во групата Ц од ЛШ. Противник е екипата на Татран Прешов, добро познат противник за македонскиот вицешампион.

Словачкиот првак од година во година е се подобар. Играњето во СЕХА лигата значително придонесе да се подигне квалитетот на екипата, која годинава за прв пат се натпреварува и во Лигата на Шампиони.

Во првото коло, Татран беше поразен на гостувањето кај Монпеље со 28-23, но играта и резултатот во првото полувреме (14-14) покажа дека Словаците не случајно се во ЛШ. На тој натпревар, а и инаку, најдобар поединец беше бекот Рабек, кој постигна 6 погодоци, и сигурно ќе претставува најголема опасност и за нашата екипа на саботниот меч. Покрај него, се истакнаа и Крок, Урбан и Цип со по 3 постигнати голови. Во СЕХА лигата Татран има 1 и 4 порази и ќе се обиде по секоја цена да го совлада Металург на саботниот меч, со цел да ја прекине лошата серија.

Од друга страна, Металург отпатува во Словачка со свои планови за триумф. На дуелот во СЕХА лигата на домашен терен, Металург беше убедлив и го совлада Татран со 27-21 и ќе се обиде да ја повтори играта и да забележи уште една победа. Интересно, дуелот со Татран ќе биде прво гостување за Металург сезонава и ќе биде интересно да видиме како ќе се снајде во таква улога младиот тим на Металург. Она што е сигурно, за победа, Металург ќе мора да ја игра својата игра во одбраната и многу, многу подобро во нападот, каде мора да се пронајдат повеќе расположени стрелци.

Натпреварот е во сабота, со почеток во 15:00 часот, а ќе го судат Пољаците Барановски и Лемановиц. Директен пренос од мечот ќе има на МРТ1.