Ракометарите на Металург загубија од екипата на Горење со 23:18, во рамките од 7-то коло во СЕХА лигата. „Плаво-белите“ го доживеја 5-тиот пораз оваа сезона, по кој се наоѓаат на 8-та позиција на табелата со 4 освоени бодови.
Натпревар со многу технички грешки на две страни, во кој ракометарите на Горење без многу проблеми издвојуваа лесна победа над денес незаинтересираниот Металург. Уште на стартот домаќините покажаа кој ќе биде победникот, кога по 10 минути игра, имаа водство од 6:1. Ракометарите на Металург дозволуваа да примат многу лесни голови, додека во нападот беа без идеја. Со што резултираше само со зголемување на водството на словенците, кое на полувреме изнесуваше 5 погодоци (12:7).
Во второто полувреме ракометарите на Металург продолжија со лошата игра и техничките грешки, по што веќе во 47-та минута, словенците го имаа најголемото водство на натпреварот од 21:12. За потоа, тренерот на Горење им даде шанса на вториот тим, која „плаво-белите“ ја искористија само да го намалат водството, за конечни 23:18.
Најефикасен на натпреварот беше Матјаж брумен со 6 постигнати погодоци, додека кај Металург најпрецизни беа Дрогришки, Петров, Кузмановски и Талески со по 3 постигнати погодоци.