Ракометарите на Металург дојдоа до својата 17-та победа оваа сезона, откако денес на домашен терен ја совладаа екипата на Прилеп 28:22 (15:10). Екипата на Прилеп се наоѓа на третата позиција на табелата и со овој пораз од Металург ја пропушти шансата да се качи едно место погоре. Металург сигурно го започна натпреварот со водство од 5:1. Од овој момент, следуваше период од 10-тина минути кој тотално му припадна на гостинот. Прилепчани успеаа да ја стопат разликата од 4 голови, го изедначија резултатот на 7:7, а потоа и поведоа 7:8. Ова беше последното водство  на гостинската екипа, затоа што Металург наметна силно темпо и со неколку голови во серија успеа да го врати водството. На одмор овие две екипи заминаа при резултат 15:10.

Второто полувреме помина во целосна доминација на домашната екипа. Металург играше со сили колку да ја одржува предноста,а благодарение на одличните интервенции на младиот голман на Металург, Мартин Томовски предноста се зголемуваше и на крајот достигна до +6.

Најефикасни на овој натпревар беа Матиќ со 5 голови од екипата на Металург, како и Секулиќ со 4 голови од екипата на Прилеп.На овој натпревар одлична партија прикажаа и голманите на двете екипи. По 17 одиграни кола, екипата на Металург се наоѓа на првото место со максимален број на бодови, додека екипата на Охрид е на второто место благодарение на победата над екипата на Прилеп во минатото коло.