Ракометарите на Металург вечерва го играат последниот натпревар од регионалната СЕГА лига против екипата на Нексе, во кој ќе се борат за останување на 6-та позиција на табелата.

Иако Нексе е фаворит на хартија и фактот дека Металург ќе настапи без Филип Кузмановски и Александар Гуглета, ракометарите на Металург достојно ќе го одиграат овој натпревар и обидат со позитивен резултат да ја завршат оваа сезона во СЕХА лигата.

„Нексе е апсолутен фаворит во овој дуел. Пред сè поради домашниот терен на кој сезонава одигра одлично против Веспрем, Мешков, Загреб, а ние сме послаби со неиграњето на Филип Кузмановски и Александар Гуглета кои се повредени. Кузмановски има оток на раката што му беше оперирана а Гуглета има повреда на ципите. Но, тоа не значи дека во овој меч ќе влеземе со резерва или со респект. Напротив, ќе се обидеме да одиграме добро, а ако се создаде и најмала шанса, да ја материјализираме со победа” – изјави Лино Червар, тренерот на Металург.

По овој натпревар ќе продолжат за Пореч, каде што се предвидени десетдневни подготовки во пресрет на почетокот на плејоф-завршницата од домашното првенство.

„После натпреварот со Нексе, со Металург ќе одработиме десетдневни кондициско-техничко-тактички подготовки, кои ќе послужат како еден вид освежување и рестартирање на тимот за тоа што нѐ очекува во продолжението од домашното првенство и Купот на Македонија. Ќе работиме во сите сегменти на играта, но најмногу на техничко-тактички уигрувања за што подобро да ја усовршиме играта седум на шест“ – изјави Червар, додавајќи дека во рамките на подготовките, Металург ќе одигра и неколку контролни натпревари со екипите од регионот, како што се Пореч, Умаг и Копер.

Натпреварот започнува од 19:00 часот!