Ракометарите на Металург во последниот натпревар на домашен терен годинава во Лигата на шампионите, загубија убедливо од украинскиот шампион Мотор Запорожје со 22:30. За Металург ова беше 6-ти пораз во 9-те одиграни натпревари во групната фаза, со кој на едно коло пред крај го спушти македонскиот вицешампион на дното на табелата во групата Д.

Иако сите се надеваа дека ќе гледаат реприза од првиот натпревар во Украина, ракометарите на Металург покажаа друга слика. Како и во последните одиграни натпревари, така и денес одиграа многу слабо. Лошо и неорганизирано во одбраната, во нападот се мачеа да постигнат гол, а кога ќе дојдоа до чиста позиција за погодок, промашуваа.

Уште на стартот украинците покажаа за што се дојдени и кој ќе си оди дома со нови бодови. Брзо дојдоа до убедливи 5-1 на стартот, ја искористија максимално играта на Александар Јовиќ со „7 на 6“ во нападот. По што после рутинирано ги казнуваа сите грешки на „плаво-белите“ и ја зголемуваа својата предност.

Александар Јовиќ со неколку ротации се обидуваше да го најде вистинскиот состав и да одговори на темпото што го наметна противникот, но сепак се беше залудно. Ракометарите на Мотор Запорожје овојпат беа спремни за играта на Металург и заслужено заминаа како победник од Скопје.

Најефикасни кај Металург беа Димитриевски со 5 и Јагањац со 4 постигнати погодоци, додека кај гостите најефикасни беа Козакевиќ со 5 и Шинкел со 4 постигнати погодоци.

Во завршното коло од групната фаза, Металург на 2-ри декември ќе гостува во Лисабон против Спортинг.