Откако тренерот на македонската машка репрезентација, Лино Червар го објави поширокиот список на ракометари за престојното СП во Франција, на кој го имаше Филил Миркуловски, денеска самиот тој го потврди неговото враќање во репрезентацијата.

„Заради повредите што ги имаат некои од играчите, подготвен сум да помогнам. Сега се чувствувам многу подобро, во добра форма сум, па можам да помогнам. Секогаш сум бил тука за репрезентацијата, истото е случај и овојпат“ – изјави Филип Миркуловски за порталот Екипа.

По потврдата на Червар, во јавноста се прошири вест за наводно враќање во редовите на РК Металург, кој Миркуловски го демантираше денеска.

„Тоа за Металург се само шпекулации. Враќањето е само за репрезентација, и тоа само во поширокиот список од 28“ – изјави Филип Миркуловски.

Членот на Бундеслигашот Вецлар најави дека неговото враќање во националниот тим нема да биде само за ова Светско првенство, туку тоа ќе биде на подолги патеки.

„Враќањето не е на краток период, односно само за Светското првенство во Франција. Ќе настапам во квалификациите и за Европското првенство, како ќе биде понатаму ќе видиме” – заврши Филип.

Во дресот на македонската репрезентација Миркуловски има повеќе од 100 настапи.