Репрезентацијата на Македонија во континуитет е дел од големите ракометни собири – светските и европските првенства. Овој пат Полска е државата која е домаќин на најновото издание на Европското првенство кое започнува токму утре. Нашата репрезентација е дел од ова натпреварување и веќе утре ќе ги започне натпреварите. Македонија е во група заедно со репрезентациите Франција, домаќинот Полска како и Србија.

Во пресрет на овој голем спортски настан, нашиот долгогодишен репрезентативец Филип Миркуловски во интервју за спортскиот портал Спортмакс изјави:
„Нашата група на ова првенство е една од најтешките групи, нема аутсајдери. Сметам дека најтежок противник е репрезентацијата на Франција, но тука е и Полска која е домаќин и е фаворит за висок пласман. Што се однесува до првиот натпревар, сметам дека е добро што стартуваме против Франција, бидејќи има простор за изненадување. На овој натпревар треба да бидеме растоварени, без никаков притисок и да се обидеме да дојдеме до изненадување. За репрезентацијата на Полска би кажал дека ни „лежи“, бидејќи на поголемите натпреварувања сме биле подобри од нив, имаме 2 победи и ни одговара нивниот стил на игра. Доколку имаме коректно судење, сигурно е дека можеме да се носиме со нив, па и да одиме на победа“

На прашањето: „Ќе ја минеме ли групата“ – Миркуловски одговори: „Спортски и човечки е да веруваме дека ќе ја минеме групата, доколку не веруваме, нема да ја минеме. Тоа е нашата првична цел. Македонија има потенцијал да се бори за добар пласман.“

Нашата репрезентација на отворањето на ова првенство го игра својот прв натпревар против репрезентацијатана Франција со почеток во 18 часот. Вториот натпревар, Македонија го игра на 17.01.2016 година во 20:30 часот против селекцијата на Полска, додека последниот натпревар од оваа групна фаза нашите ракометари го играат во вторник (19.01.2016 година) во 18:15 часот против репрезентацијата на Србија.