Репрезентацијата на Македонија, по четиридневниот одмор вечерва го продолжува своето учество во втората фаза на ЕП во Полска. Наш вечерашен противник е одлчната селекција на Норвешка која е кандидат за учество во завршицата, односно во полуфиналните пресметки. Норвешка е на делба на првата позиција заедно со репрезентацијата  на Франција. Нашата репрезентација се наоѓа на 5-тото место и останува во игра за пласман на 9-тата позиција на ЕП. Во пресрет на овој меч против Норвешка, свое видување дава нашиот најборбен ракометар –  Филип Миркуловски.

Филип Миркуловски:

,,Треба што побрзо да се заборави натпреварот со Хрватска, еден од најлошите откако постои оваа репрезентација. Треба да се свртиме кон Норвешка и кон Белорусија. Добро да ги анализираме, да не излеземе така неподготвено како со Хрватска и да играме целосно погрешно од тоа што сме се договориле. Треба да го испочитуваме договореното, да излеземе на терен и да дадеме максимум, како што дававме на првите два натпревари. Од ова не може полошо да биде. Може да биде само подобро. Имавме три дена одмор, ако ни е некое алиби уморот. Еве сега имавме доволно време да се одмориме и да дадеме се од себе. Норвешка ја победи Хрватска во вториот натпревар, сега славеше и против Полска. Се работи за млада репрезентација која многу трча. Треба и ние да се спротивставиме со исто темпо, а не да стоиме како на мечот со Хрватска. Норвежаните играат 6-0, плитка формација. Ние досега добро игравме на таква одбрана во претходните натпревари, би требало така да одиграме и со Норвешка. Како што кажав, треба добро да се подготвиме, да ги анализираме што подобро, и да дадеме максимум на денешниот натпревар. Треба да го неутрализираме тој брз центар и брзо да се враќаме назад. Подобро да се организираме во враќањето назад и во тие измени што ги правиме. Мора побрзо да ги изведуваме, или воопшто да не ги правиме, па да се вратиме назад. Да се обидеме да се одбраниме, па потоа ако направиме фаул, да следуваат тие измени. Така ќе ги сопреме нивните контри и полуконтри и тука мислам дека ќе завршиме голема работа“