Она што секој селектор го посакува е да се избегнат повреди во подготвителниот периот. Се до вчерашниот дуел со Словенија, Обрван ја имаше таа среќа. За жал, еден од најискусните наши ракометари, Наумче Мојсовски, вчера имаше непријатен пад при кој неконтролирано ја удри главата од паркетот.

Веднаш се забележа дека е тоа силен удар и дека Мојсо осети голема болка, па тој го напушти теренот. Информациите говорат дека ситуацијата не му се подобрила и по мечот.

„Не се чувствувам добро. Имам мал потрес на мозокот и чувствувам огромна главоболка. Се надевам дека состојбата наскоро ќе ми се подобри“ – изјави Мојсовски.

Паузата од 2 дена за репрезентативците, нему ќе му дојде особено добро. Се надеваме дека повредата сепак не е сериозна и Мојсо ќе продолжи со тренинзите со репрезентацијата, веќе од петок и дека ќе биде дел од составот за двете наредни пријателски средби против Црна Гора во Скопје, закажани 10 и 11 јануари. Првиот меч се игра во СРЦ Кале во недела од 20:15 часот.