Во натпревар со драматичен крај Вардар загуби од Монпелје со 28:27 и не успеа да го одбрани трофејот од Лигата на шампионите, Европа ќе добие нов шампион.
Денеска „црвено-црните“ не функционираа како што сите очекуваме и како што тие посакуваа. Без идеја во напад и многу лоша одбрана, ракометарите на Вардар се мачеја цел меч да го свртат натпреварот, но не успеаја на крај.
Уште на самиот старт се гледаше дека Вардар не е тој вистинскиот, играше со тешки нозе во нападот, споро и непрецизно. Во одбраната многу лесно примаа голови, а на голот немаа свој ден голманите Штербик и Милиќ. Французите поведоа уште во првите 5 минути, и од тогаш до самиот крај го одржуваа своето минимално водство од 2-3 погодоци.
Во самиот финиш вардарци го изедначија резултатот, но во последната минута немаа среќа и примија погодок на само 18 секунди до крајот. За во последните секунди „црвено-црните“ избрзаат и не успејат да го изедначат резултатот за продолжение на натпреварот.
Најефикасни во составот на Вардар беа Борозан и Циндриќ со по 6 постигнати погодоци, додека кај Монпелје беа непогрешливите Порте и Гигу со по 8 постигнати погодоци.