Вчера одбележавме точно 14 години, откако екипата на Кометал Ѓорче Петров ја освои Европската титула.
Екипа која слободно може да кажеме дека е главниот виновник за денеска ракометот биде спорт број 1 во Македонија. Тие се темелот на ракометот, беа најголема инспирација за сите денешни ракометари и ракометарки, беа мотивација за многу луѓе да го засакаат овој спорт и да се интересираат за истиот. Во главни црти, да не беше женскиот ракомет, немаше да го имаме денеска тоа што го имаме со машкиот ракомет.
Се прашувате до каде ни е денес женскиот ракомет?
Сигурни сме дека повеќето знаете, али еве да повториме: ДНО НА ДНОТО!
Како што добро знаете, кога Трифун Костовски се повлече од функцијата главен спонзор, за жал екипата згасна. Од тогаш женскиот ракомет почна да тоне, тоне и тоне …
Период во кој никој од РФМ не превзеде ништо околу подобрување на условите за женскиот ракомет и домашната лига. Да не зборуваме па за градење на младински лиги и слично. Период во кој владееше еуфорија во Македонија за женскиот ракомет, кога сите млади девојки сакаа да тренираат ракомет, кога сите љубители на ракометот сакаа да гледаат женски ракомет. Период кој РФМ не го искористи, напротив само ги уништи сите позитивни работи, кои Кометал Ѓорче Петров ги создаде тоа време.
За денес да имаме една мизерна женска лига, која ја сочинуваат официјално дури 5 екипи (ЖРК Металург, ЖРК Вардар, ЖРК Вардар Јуниор, ЖРК Куманово и ЖРК Пелистер). Со еден глупав систем на натпреварување, колку да се рече дека и во Македонија има женски ракомет и првенство. Од овие 5 екипи, само екипите на Вардар се одделуваат во тоа какви услови имаат за тренирање и дека се добро платени, благодарение на руското спонзорство, кое кога ќе секне, нема да остави ништо, на нашки кажано ќе пропаднат веднаш!
Другите екипи е најтрагичното нешто што може да се случи во овој спорт. ЖРК Куманово и ЖРК Пелистер одвај крпат месец за месец да си платат судиите, да платат играчи (смешни суми), сала, превоз итн. Во овие екипи играат најупорните и вистинските љубители на ракометот, само тие можат да го издржат ова! Но, и на тие веќе им е преку глава и си бараат подобра иднина, се разбира далеку од Македонија.
ЖРК Металург беше на врвот, извор на македонски ракометарки!
Но, откако се случија сите проблеми со нивниот спонзор, прво тоа го осетија машката екипа. На ред е женската екипа, која оваа сезона ја изгура колку да се рече дека имаат екипа. Благодарение на ракометарките кои останаа во екипата и играа (како што рековме погоре најупорните и вистинските љубители на ракометот), екипата опстана и имаше шанси за добар пласман на крајот од сезоната. За жал тоа изгледа нема да се случи, поради тоа што условите во кои овие ракометарки работеа цела година беа на ниско ниво, неисплаќањето на плати (смешни суми за плати) им прекипе и на ракометарките. На последниот натпревар против Вардар Јуниор, се виде дека ракометарките кренале раце од клубот, немаше никаква борба, гледавме лица кои одвај чекаа да заврши сезоната и да си заминат во подобра средина. Воглавно ќе си бараат подобра иднина негде надвор од границите на Македонија или пак ќе пробаат да влезат во екипите на Вардар.
Можеби бевме строги во некои делови од текстот, но сакаме да го посветиме на сегашниот претседател на РФМ, Живко Мукаетов кој е најзаслужен за достигнувањето на машкиот ракомет последните неколку години, да погледне малце што се случува во женскиот ракомет.
Без оглед што до сега РФМ не превзеде ништо, редно време е сега на чело со Мукаетов и сите негови соработници да се превземат мерки за женскиот ракомет и да почнат да работат на тоа поле, за да го донесат женскиот ракомет каде што му е местото, на врвот во Европа и пошироко!