Живко Мукаетов останува на чело на РФМ, откако на синоќешното Изборно Собрание ја доби поддршката од членовите на Собранието. Од можни 40 делегати, вкупно 37 беа присутни на Собранието, при што едногласно му доделија нов четиригодишен мандат на Мукаетов.

„Сакам да им се заблагодарам на сите оние кои ми дадоа поддршка мене и на мојот тим. Кога пред четири години застанав на оваа говорница ветив дека ќе се обидам македонскиот ракомет да функционира на поинаков начин од претходно. Во текот на овие 48 месеци вложивме многу напори и ресурси за работа со младите категории, кои треба да бидат база за работа за идните репрезентации. Ова раководство во изминатиот период се соочи со бројни предизвици, заеднички се радувавме на успесите, воедно и се јадосувавме при поразите. Убеден сум дека за пет до десет години до сега резултатите ќе бидат нешто на што сите ние ќе бидеме горди“ – изјави Мукаетов.