Македонија не успеа да ја совлада Словенија и со тоа да го завери пласманот во 1/8 финалето. Шансата за бар уште еден триумф ќе ја бараме во дуелите со Шпанија и Исланд, во среда и четврток.

Натпреварот се чини го загубивме уште во првата половина од првото полувреме. Промашивме 3 зицери и пенал, a Словенија тоа умешно го искористи и веќе во 15-та минута беше +4 (7-3). Од таа разлика Македонија не успеа да се врати. Дополнително, Словенија играше одлично. Позиционите напади ги играше до пасивен чекајќи да попушти концентрацијата на одбраната, а по секое наше промашување во нападот форсираше брза транзиција и лесни голови. Словенија во првото полувреме имаше 80% успешност, што беше јасен сигнал дека Словенија ќе дојде до триумф. За разлика од Словенците, ние стрелавме со помалку од 40% успешност и го разбранивме голманот Скок, кој на крајот дојде и до признанието МВП на натпреварот.

Откако на полувремето Словенија замина со +6 (10-16), во второто само искусно и рутинирано ја играше својата игра и ја зголемуваше предноста за конечни 29-22.

Она од што стравувавме, се оствари. Македонија промаши многу чисти шутеви – само 5 гола од 9 обиди од шест метри и очајни 3/9 од крилните позиции, па поразот беше неминовен. Во Македонија најпрецизен беше Лазаров со 9 голови, но сепак најдобар беше Стоилов кој одлично им парираше на противничките играчи на линијата, постигна 3 голови и имаше 4 асистенции.

Во вторник останува Македонија да го искористи својот ден одмор, и да се подготви за преостанатите 2 меча. Сепак, иако не игра, Македонија веќе утре може да се пласира ви 1/8 финалето доколку Словенија ја совлада селекцијата на Тунис.