Во еден од најдобрите мечеви во досегашниот тек од Лигата на шампиони, Вардар не успеа и загуби минимално од големиот противник Ѓер со 28-27. Во трилер завршница, Вардар имаше нерешено се до 2 секунди до крајот, но за жал одбраната не додржа, и нашиот првак го забележа вториот пораз во овогодинешната Лига на шампиони.

Од првата минута гледавме феноменален натпревар. Со извонредна игра во нападот, разновидни акции, многу различни стрелци, мечот започна со изедначена игра и наизменично преземање на водството од страна на двете екипи. Се до 19-та минута, кога при резултат 9-9, Вардар ја засилува играта во одбрана, и со серија од 4-0 во период од 5 минути стигнува до предност од 9-13. Во овој период, како и во текот на целиот прв дел од мечот на голот одлична беше Ина Суслина која успешно се справуваше со противничките шутеви. Предноста од 4 гола на Вардар беше причина домашниот тренер да ја внесе во игра Горбич, која почна да ја води играта на Ѓер и да го сопре, налетот на Вардар. Постигна 3 гола од 3 обиди до крајот на полувремето, но тоа беше доволно само колку Ѓер да остане во игра. Вардарки и понатаму доминираа на теренот, напаѓаа од сите страни, и на полувремето заминаа со предност од 17-14. Во првото полувреме, за Вардар головите ги постигнаа дури 9 различни играчи. Најпрецизни меѓу нив Хмирова и Радичевиќ со по 3 постигнати голови. На голот блескаше Суслина со 8 одбрани.

На почетокот на второто полувреме Вардар имаше шанса дополнително да се одлепи, но не го искористи пеналот ниту двете минути ислучување кои ги изнуди Дембеле веќе во првиот напад и искусната и квалитетна екипа на Ѓер тоа знаеше да го искористи. Со серија од 6-1, која беше резултат на брилијантната Горбич, Ѓер го презема водството, за 20-18 во 40-та минута. На крилјата на Горбич се разбрани и голманот на домаќините, а се разбуди и публиката која дополнително ги „крена“ домаќинките. По тајм-аутот на тренерскиот двоец Кастратовиќ – Питлик, Ѓер продолжи да игра и со два нови гола се качи на максимални 22-18. Конечно 10-минутниот пост го прекинува Дембеле со 2 гола во серија, со што Вардар се врати во игра. Иако квалитетот во второто полувреме малку падна и се зголеми бројот на технички грешки, и понатаму мечот се играше во едно високо темпо. Ѓер го контролираше резултатот, имаше постојано водство од 3-4 разлика, но Вардар не се предаде и во 54-та минута дојде на -1, 25-24. До крајот на мечот – трилер. При резултат 27-25, на две и пол минути до крај, Човиќ изнудува 2 минути исклучување, кое Вардарки максимално го користат и со головите на Лазовиќ и Радичевиќ доаѓаат до 27-27 на 40 секунди до крајот. За жал, на две секунди до крај, Локе ја користи феноменалната асистенција на Горбич, и му носи триумф на Ѓер од 28-27.

Кај Вардар, најпрецизни Радичевиќ, Хмирова и Дембеле со по 4 постигнати голови. Кај Ѓер, а воедно и најдобра на мечот, Анита Горбич со 8 гола од 10 обиди, и неколку феноменални асистенции.

По овој пораз, извесно е дека Вардар ќе пренесе 4 бода во наредната фаза од натпреварувањето, а од кое место ќе го започне тој втор круг натпреварување, ќе се зане по мечот Митјиланд – Ѓер, во последното коло од ЛШ. Вардар во последното коло игра со Хипо, наредниот викенд во СЦ Јане Сандански.