Тежок и непријатен пораз доживеа машката ракометна репрезентација на македонија во првиот меч од бараж дуелот за пласман на СП во Франција. Домаќинот Чешка оствари убедлива победа од 28-22, и објективно е блиску до пласман на завршниот турнир.
Македонија одигра исклучително лош натпревар. Деконцентрирано во напад, без концепт во одбрана и без голмански интервенции, Македонија беше без шанси.
Со исклучок на самиот почеток, Македонија постојано ја бркаше предноста на противникот. Од друга страна умешно ги користеше феноменалните одбрани на својот голман, кој мечот го заврши со 14 одбрани, и на полувремето замина со високи +4. Во второто полувреме, наместо да покажеме квалитет и искуство, ние одигравме уште послабо. Чешкиот голман фати се што можеше (19 обрани), на спротивната страна, Македонија како да играше без голман. И на 3 минути до крај, Чешка водеше со високи +7. По тајмаутот на Червар, следат 2 брзи гола на Македонија, и шанса во контра преку Георгиевски да стигнеме на +4. Сепак, и тоа неуспеа, Чесите постигнаа гол и остварија висок триумф од 28-22.
Најпрецизен кај Македонија беше Лазаров со 8 гола, но од дури 20 обиди. Солиден настап имаа и Стоилов. Манасков и Миркуловски, кој особено немаше среќа во ударите и 5 пати ја погодуваше конструкцијата на голот.
Реваншот е во среда, и ние сме убедени дека Македонија може да дојде до неопходниот триумф од 7 голови разлика. Ќе биде пеколно тешко, ќе треба да биде тоа целосно ново издание во СЦ „Борис Трајковски“, но доколку се мотивирани и посветени да изгинат за државниот дрес, и чудото ќе може да стане реалност.
Денешниот настап не смее никогаш да се повтори.