Со дуелот Хрватска – Македонија, меч кој е дел од Кроација купот кој викендов се одржува во Умаг, нашата ракометна репрезентација практично ги започнува подготовките за Европското првенство, кое во јануари ќе се одржи во Полска.

Селекторот Обрван јасно стави до знаење дека на овој турнир гледа како на подготовка за конечната цел, добар резултат на ЕП во Полска, и поважно – пласман и резултатски успех на квалификациски турнир за ОИ во Рио. “Не сме премногу оптоварени со резултатот на овој турнир. За Хрватска патуваме некомплетни, но настапот во Умаг ќе го искористиме за да им дадеме шанса на помладите ракометари и да ги провериме нивните моментални можности. Токму овие натпревари ќе ни помогнат да донесеме заклучок од кој и колку можеме да имаме полза за Европското првенство во Полска”, рече селекторот Обрван.

Првата шанса младите ракометари да му се наметнат на селекторот ќе ја имаат против извонредната селекција на Хрватска. Иако и Хрватите во изменет и ослабен состав ќе настапат на овој турнир, јасно е дека тие се апсолутни фаворити за освојување на првото место. Покрај Вори и Чупиќ, кои селекторот не ги повика за овој турнир, дополнително отсутни ќе се и Алиловиќ и Копљар. Новиот селектор Бабиќ ќе се обиде на овие подготвителни натпревари да ја наметне својата ракометна филозофија на игра, по неколкугодишното „владеење“ на Голужа.

Но нас повеќе не интересира нашата игра. Очекуваме сите играчи да го дадат својот придонес и да одиграат максимално, впрочем како што тоа го правеле секогаш кога е националниот дрес во прашање.

Мечот е со почеток во 19:00ч, а засега нема најавено телевизиски пренос.