Нашата женска сениорска репрезентација беше високо поразна на денешниот натпревар против Словенија што се одигра во Марибор со резултат 35:17 (18:8). Уште на самиот старт на натпреварот ракометарките на Словенија дојдоа до водство 6:2, но кога сите очекувавме подобрување на играта на нашиот состав по почетната трема, се случи токму она спротивното – водството на Словенија се зголеми 10:2. До крајот на првото полувреме водството на нашиот противник растеше па достигна до +10, 18:8.
Иако се беше јасно уште во првиот период според прикажана игра на нашата селекција, сепак во второто полувреме имавме надеж дека во преостанатите 30 минути ќе се подобри онаа игра без идеја, ќе се намалат техничките грешки како и дека поедини играчи ќе сфатат дека се шутира од изградени ситуации по одработена акција, а не сето тоа да се сведува на ,,шутерски тренинг“. Како епилог на сите овие наведени грешки, следуваа брзи контри кои словенките сигурно ги реализираа. Најефикасни на овој натпревар беа Лазовиќ со 6 погодоци од селекцијата на Словенија и Керамичиева со 5 погодоци за нашата репрезентација.
Поразот од селекцијата на Словенија на гостувањето во Марибор беше за очекување, но она што ракометната јавност не го очекуваше е крајно слабата, неинвентивна игра што ја прикажаа нашите ракометарки. Ваквиот пристап не ветува многу за реванш средбата што следува за два дена во Скопје. Да се загуби натпревар не е чудно ниту срамно, меѓутоа ваквата игра како на денешниот натпревар е за секоја критика и за многу подлабока анализа. Сепак, проблем мора да постои, па од тука се прашуваме: Каде е проблемот? Во селекцијата, стручниот штаб, несериозноста, несоодветни подготовки, мотивацијата ….. ?!