Конечно натпревар во Лигата на шампионите каков што чекаме 3 години. Конечно меч кој потсетуваше на мечевите во женска конкуренција во периодот пред 10-тина и повеќе години. Натпреварот меѓу Ѓер и Вардар во 5-то коло од првата фаза на натпреварување во ЛШ, можеше слободно да биде и самото финале на лигата. Имаше се што е потребно – тензија, квалитет, убави голови, добри одбрани, престврти, неизвесност.

ЖРК Вардар на крајот доживеа пораз. Прими гол во последните моменти од натпреварот и, иако мечот можеше да го заврши со триумф или нерешено, на крајот не освои ниту еден бод. Но, поразите се составен дел од спортот. Особено во овој ранг на натпреварување и кога за противник имате иклучително силна екипа. Но она што никој не може да го оспори е растот во квалитет во играта на македонскиот првак.

За разлика од првиот дуел годинава против истиот преотивник, кога вардарки делуваа слабо и немоќно, викендов тие покажаа дека знаат што сакаат и како да дојдат до тоа. Многу ротации за задржување на свежината и високото темпо, разновиден напад (во поголем дел од мечот) и добра одбрана.

Од играта во напад на дуелот со Ѓер, вреди да се издвојат неколку работи. Во форма полека се враќа Хмирова. Русинката во Вардар дојде како огромно засилување, но никогаш екипата не го искористи нејзиниот потенцијал. На последните 3 меча, а особено на дуелот со Ѓер, Хмирова покажа дека на неа сериозно може да се потпре екипата. Особено кога на првиот стрелец Пенезиќ, не и оди. Понатаму, Сања Дамјановиќ покажува дека нејзиното носење во Скопје е прав потег. Искуството и богатата интернационална кариера доаѓа до израз, преземајќи ја одговорноста во клучни моменти. Забележителен е напредокот и на Радичевиќ, која конечно почнува да заличува на онаа Јованка која ја паметиме од првата сезона во Скопје, како и на Ања Алтхаус, која не само што е столбот на одбраната, туку се почесто е подобра и во нападот на Вардар. За крај, збор два за Андреа Лекиќ. Впечатокот е дека Андреа полека се враќа во формата со која стана најдобар светски игтрач во Ѓер. Иако сеуште не може да одигра цел натпревар на највисоко ниво, сепак во голем дел од првото полувреме Лекиќ одлична многу паметно и во корист на екипата, и ќе претставува силно оружје во дуелите со најсилните екипи до крајот на сезоната.

Во одбраната уште еднаш се покажа дека Вардар знае како треба против секој противник. Се функционираше одлично за Вардар во првото полувреме. За жал, за една работа тренерскиот тандем на Вардар не најде решение. Феноменалната Анита Горбич. Една од најголемите ѕвезди на женскиот ракомет, не само на денешницата, туку генерално, го подигна квалитетот на екипата на едно повисоко ниво. Очекувамe, во некој нареден дуел, а зошто тоа да не биде вистински финалето на ЛШ, Питлик и Кастратовиќ да најдат начин да ја сопрат и неа.

Целосно гледано, ЖРК Вардар е на вистинскиот пат. Точно, сеуште има падови во играта, но тоа е сосема нормално, особено во женскиот ракомет. Важно е тие „црни минути“ да траат колку е можно пократко и да се појавуваат колку е можнпо поретко во текот на дуелите. Следи мечот од последното коло во ЛШ, по што ќе има пауза за Светското ракометно првенство. Доколу ракометарките се вратат здрави и неповредени, овој тим на Вардар може да оди подалеку од последните 2 години. Иако оваа сезона Лигата на шампиони е најсилна во последните неколку години, убедени сме дека ЖРК Вардар може да оди чекор понатаму – финале на елитното натпреварување. Па дури и освојување на самиот трофе!