Во првото коло од овогодинешното разигрување за шампионската титула на Македонија ќе се сретнат екипите на РК Охрид и РК Вардар. Ракометарите на Охрид на домашен терен ја пречекуваат екипата на Вардар и ќе се обидат пред домашните навивачи да дојдат до изненадување. Почетокот на овој натпревар е закажан за 19 часот, а ќе се одигра во спортската сала „Билјанини Извори“. Ова прво коло од плејоф фазата го отвораат екипите на РК Макс Струмица и РК Работнички во меѓусебен дуел со почеток во 17 часот. Додека пак, во Прилеп гостува екипата на Металург која ќе се обиде и на почетокот на оваа фаза да дојде до победа и да остане без пораз во досегашниот дел од натпреварувачката сезона. Овој натпревар помеѓу екипите на РК Прилеп и РК Металург е закажан за 19 часот.
Во пресрет на натпреварот помеѓу екипите на РК Охрид и РК Вардар, тимот на МакРакомет поразговара со ракометарот на Охрид, Дарко Павловиќ кој ни ги изнесе своите очекувања за овој воведен натпревар од оваа фаза.
„Што се однесува до овој воведен натпревар од оваа фаза, искрено немам што друго да кажам освен дека играме против екипа која моментално се наоѓа во најдобрите 8 во Европа. За нас, како тим е најважно да одиграме добар натпревар и да се чуваме за следните натпревари, затоа што реално против екипа како што е Вардар немаме што да бараме. Се надеваме дека публиката, како и сите љубители на ракометот ќе бидат сведоци на еден убав натпревар.“ – изјави Павловиќ.
Директни преноси од сите натпревари од плејоф фазата можете да следите на официјалната страна на Ракометната федерација на Македонија.