Вечерва, ракометарите на Вардар ја играат реванш средбата од осминафиналето од елитната Лига на шампиони против екипата на Висла Плоцк. Првиот натпревар помеѓу овие две екипи кој се одигра изминатата недела заврши без победник, 30:30. Со овој резултат и за двете екипи е отворена вратата за наредната фаза, односно четвртфиналето. Вечерашниот дуел, вардарци ќе го одиграат на домашен терен, пред својата публика во СЦ,,Јане Сандански“. Почетокот на овој натпревар е закажан за 18 часот.

Во пресрет на овој натпревар против полската екипа Висла Плоцк, ракометарот на Вардар Стојанче Стоилов и тренерот на екипата Раул Гонзалес на одржаната конференција за медиумите го истакнаа следното:

,, Дуелот со Висла е најважен за нас годинава. Имавме резултат до финишот од првата средба и разочарани сме што не победивме, но во Скопје ќе одиграме уште подобро. Знаеме дека ќе биде тешко, иако имаме предност од првиот дел, тој поволен резултат многу лесно би паднал во вода. Публиката во Скопје секогаш ни дава мотив повеќе, се надевам дека нема да ја разочараме, туку на крајот повторно заедно ќе славиме“ – заврши Стоилов.

,, Во сабота го играме второто полувреме од двомечот со Висла. Првиот натпревар беше тесен, испутивме предност од четири гола во самиот крај, но сега играме во Скопје, бодрени од нашите верни навивачи. Имаме голема шанса за четвртфинале бидејќи не бркаме негатива, но таа шанса мора да ја искористиме со добра игра на теренот. Нема да ни биде лесно бидејќи Висла има квалитетни играчи во своите редови, опасни се на гостински терен и сезонава веќе одиграа одлично на гостувањата против Веспрем и Кил. Овој натпревар за нас е како финале, бидејќи ако загубиме тоа ќе биде наш последен европски меч сезонава. Се соочуваме со притисок, но немаме друг избор освен да победиме и да се пласираме во четвртфиналетоизјави тренерот Раул Гонзалез.