Ракометарите на Металург во четвртиот натпревар сезонава од СЕХА лигата ја постигнаа првата победа, против Татран Прешов. После прикажаната добра игра на последните три натпревари, конечно на вчерашниот натпревар „плаво-белите“ заслужено издвојуваа победа, за самодоверба пред настапот во Лигата на шампионите следниот викенд (24-ти Септември, против Елверум).

Натпревар во кој одлично го отворија ракометарите на Металург, сконцентрирано во нападот, кој несомнено одлично го водеше Филип Талески (кој заврши со 7 погодоци и 5 асистенции) и цврсто во одбраната, подпомогната од страна на расположениот Дарко Арсиќ (кој натпреварот го заврши со 12 одбрани), уште во првите 18 минути „плаво-белите“ покажаа дека нема што да бараат Татран Прешов на овој натпревар, кога веќе на семафорот пишуваше 10:3. Продолжија со добра игра и на полувреме заминаа со 14:9.

Во второто полувреме добро започнаа, но после 10 минути игра се забележа пад во играта на ракометарите, кој резултираше со неколку технички грешки во нападот и избрзани завршници, кои го доближија Татран Прешов на само 3 погодоци, 21:18 во 47-та минута.

Но, по тајмаутот на Лино Червар, ракометарите на Металург се консолидираа во своите редови и го вратија првичното водство, кое го задржаа до самиот крај, за конечни 27:21 и голема радост на сите љубители на ракометот кои беа во СЦ „Борис Трајковски“.