Со натпреварот помеѓу екипите на РК Радовиш и РК Металург започна 14-тото коло од натпреварувањето во ВИП машката Супер лига. На домашен терен, РК Радовиш не успеа да приреди изненадување иако имаше можност и шанса да му го нанесе првиот пораз на Металург оваа сезона. Екипата на Металург беше подобра славејќи со 25:28 (12:14). Самиот почеток беше вистинско изненадување и им припадна на домаќините кои имаа неверојатна серија, 6:2, 7:3. Ова водство, радовишани го одржуваа се до пред крајот на првото полувреме кога ракометарите на Металург успеаа да го изедначат резултатот, а потоа и да дојдат до своето прво водство од +2, за конечни 12:14. Во вториот период, екипата на Металург имаше контрола над резултатот и не дозволуваше да се случи изненадување. Највисоката предност на Металург во текот на целиот натпревар беше +5, но во самиот финиш на натпреварот радовишани успеаа да намалат на -3, за конечни 25:28.

Најефикасни на овој натпревар беа Павловски од РК Радовиш со 7 постигнати голови и Божовиќ од РК Металург со 9 постигнати голови.

Во Прилеп пак, се одигра натпреварот помеѓу екипите на РК Прилеп и РК вардар Јуниор. Подобра екипа на оваа средба беше домашната екипа која ја совлада екипата на Вардар Јуниор со 29:26 (13:10). Првото полувреме им припадна и  на двете екипи кои во текот на целото прво полувреме си го преземаа водството. Во последните минути од првиот период водството го презема домашната екипа и заслужено замина на одмор со +3, 13:10. Во второто полувреме имаше сосема различна игра од страна на двете екипи. РК Прилеп го презема водството и во текот на целото полувреме успеваше да го одржува резултатот, од 4 до 5 голови, 25:21, 26:21. Во самиот финиш имаше и највисока предност од +6, 28:22, но сепак Вардар Јуниор успеа да ја преполови разликата и да го заврши натпреварот со -3, 29:26.

Најефикасни на овој натпревар беа Турченко со 6 и Талевски со 5 голови од РК Прилеп, а додека од екипата на Вардар Јуниор имаше 6 ракометари кои постигнаа по 3 погодоци.

Денес, во рамките на 14-тото коло од ВИП машката Супер лига ќе се сретнат екипите на РК Металург 2 и РК Тинекс Пролет. На домашен терен, Металург 2 ќе се обиде да дојде до својата прва победа оваа сезона, а пак за Пролет овој натпревар е исто така важен затоа што со победа на овој натпревар ќе се искачи неколку позиции погоре на табелата. Натпреварот е закажан за денес со почеток во 19 часот, а ќе се одигра во спортската сала во Автокоманда.

Директни преноси од сите натпревари можете да следите на официјалната страна на Ракометната федерација на Македонија.