Со турнирот во Умаг започнуваат подготовките за учеството на Македонија на европското ракометно првенство во Полска. Иако има и повеќе од 2 месеци до првенството, овој турнир е исклучително битен за ракометната репрезентација. И тоа од 2 основни причини.
Прво, на овој турнир започнува толку зборуваното подмладување на репрезентацијата. Малку заради повреди на клучните репрезентативци, а малку заради шансата да се проверат можностите на одредени играчи, на овој турнир Македонија ќе настапи значително подмладена. На списокот за Умаг има дури 7 ракометари на возраст под 24 години, што е реткост, и за тоа селекторот Обрван заслужува пофалби.
Втората причина зошто овој турнир е исклучително битен дел од подготовките за ЕП, е тоа што претставува еден вид борба за обезбедување на место на ЕП. Имено, (не)играњето во клубовите на дел од репрезентативците во кои во минатото добиваа практично загарантирано место во селекцијата, го остава списокот за репрезентацијата за ЕП во Полска целосно отворен. Младите ракометни сили кои играат се позначајна улога во своите тимови и „гризат“ за пласман во првиот тим на репрезентацијата, па ничие место не е загарантирано.
Така, под претпоставка дека нема да имаат проблеми со повредите, за сигурни членови на репрезентацијта можеме да ги сметаме: Манасков, Ојлевски, Георгиевски и Костески (крила), Кире Лазаров, Митков, Манасков, Прибак, Јоноски (бекови), Стоилов (пивот), Ристовски (голман). Што значи за списокот од 16-18 ракометари кои ќе дел од репрезентацијата фалат уште 5-7 ракометари. До почетокот на ЕП, Обрван треба да пронајде 3-4 бекови, 1-2 пивоти, и голман. И ова е одлична шанса Обрван да види на кого вистински може да се смета. Ова особено се однесува на позицијата лев бек (каде настапуваат младите Димитриевски, Дрогришки, Кузмановски, Талески и поискусниот Ф. Лазаров), а ќе може да види и колку може да се потпре на Пешевски на позицијата пивот.
Независно од составот со кој ќе настапи на турнирот во Хрватска, ракометната репрезентација на Македонија има високо реноме, и тоа мора да го обрани. Иако е јасно дека резултатот е во втор план, поигрување со ракометното реноме не смее да има. Се надеваме на добра игра и позитивен резултат, и во дуелите со Црна Гора и секако со домаќинот Хрватска.
Список на ракометари за турнирот во Умаг
- Борко Ристовски (Кретеј)
- Никола Митревски (Бенфика)
- Дејан Манасков (Вардар)
- Гоце Ојлески (Одорхеи)
- Гоце Георгиевски (Тулуз)
- Никола Костески (Металург)
- Жарко Пешевски (Металург)
- Васко Димитровски (Пелистер)
- Филип Лазаров (Вардар)
- Влатко Митков (Кремс)
- Немања Прибак (Бешикташ)
- Стефан Дрогришки (Пелистер)
- Кирил Лазаров (Барселона)
- Филип Талески (Металург)
- Филип Кузмановски (Металург)
- Милорад Кукоски (Металург)
- Дарко Димитриевски (Чургои)


