Пред почетокот на европското првенство, на сите во Македонија им беше јасно дека Македонија е во веројатно најтешката група на шампионатот. И дека во првите две кола ќе го имаме најтешкиот старт на шампионатите до сега, и дека Македонија е апсолутен аутсајдер во дуелите со Франција и Полска. Сепак, откако се одигра првото коло во кое Македонија покажа извонредна игра против европскиот, светскиот и олимписки првак, Франција, а од друга страна Полска се изнамачи против Србија, прикажувајќи игра која е далеку од нивните квалитети, амбициите и очекувањата на сите во нашата репрезентација како да пораснаа.

Сепак, да нема дилеми – Полска е фаворит во дуелот со Македонија. Исклучително искусната репрезентација, предводена од бековите Лијевски, Биелицки и Михаел Јурецки е страв и трепет за секоја одбрана. Лијевски и Биелицки имаат извинредна техника, акумулирано искуство и знаат да шутнат и од 10 метри, и да влезат и да шутираат од 6-7 метри. Сепак, мотор на екипата е Михаел Јурецки. Со својата енергија и сила, Јурецки е двигател на екипата. Тоа го покажа и на првиот дуел со Србија, кога беше најпрецизен со 7 постигнати голови. Покрај бековската линија, силен дел од играта е и пивотменската двојка Камил Сипзак и Бартош Јурецки.

Јасно е дека за успех Македонија ќе треба да одигра совршена одбрана. Одбраната 6-0 и многу повеќе 5-1 ќе треба да функционира беспрекорно. Слабата точка на Полска е немање на класичен плеј кој може да ја организира играта, па често Полјаците се решаваат на шутеви од неизградени позиции. Тоа значи и голманите мора да бидат во полна концентрација и да соработуваат одлично со одбраната. Во нападот, Македонија само треба да ја повтори играта од дуелот со Франција. Разновидно во одбраната, со долги напади без непотребни брзоплети грешки. Покрај Кире Лазаров, крилата ќе мора да одиграат особено концентрирано во нападот, но и брзо да покриват во одбрана, за да не им дозволат на Полјаците да се размавнат, на крилјата на многубројната публика.

Мечот е со почеток во 20:30, со директен пренос на МРТ1.