Металург не успеа со победа да ги заврши овогодинешните настапи во Лигата на шампиони. За крај, пораз од норвешкиот првак Елверум со 29-23.
Металург немаше шанса да дојде до триумф на овој меч. Но не заради тоа што противникот беше толку квалитетен, туку заради својата лоша игра, и во одбрана и во напад. Во нападот Металург од самиот почеток играше лошо. Многу технички грешки и многу лоши удари од страна на сите играчи на Металург, кои голманот на Елверум лесно ги бранеше. И ако веќе се навикнавме на лошата игра во напад, овој пат Металург одигра катастрофално лошо во одбраната. Премногу наивно и домаќините тоа умешно го користеа. Во тоа, особено предничеа Митровиќ и Стегавик, со по 7 погодоци, веднаш зад најпрецизниот, крилото Линдоу со 8 гола. За лесната реализација помогнаа и нашите голмани кои во текот на целиот меч немаа заедно повеќе од 5 одбрани. Особено катастрофално го одиграа првото полувреме, во кое Дупјачанец немаше ниту една одбрана.
Резултатски, нашиот тим мечот го загуби во последните 7 минути од првото полувреме, кога при резултат 8-6 за Елверум, Металург имаше напад за намалување на водството, но не го искористи, и бродот почна да тоне. За 7 минути, Металург прими 7 голови, а даде само 1, и на полувремето се замина со резултат 15-7. Откако на почетокот на второто полувреме, првата постава на Металург не успеа да се врати во мечот, тренерот Јовиќ шанса им даде на помладите играчи. Од 45-та минута на теренот ги гледавме Талески, Крсевски, Кузмановски, Бувиниќ, Палевски, Костески, Петров и тие целосно ја оправдаа довербата. Играа сосем солидно и не дозволија Металург да биде катастрофално поразен. Конечните 29-23 сепак го прикажуваат реалниот одраз на силите денес.
Кај Металург најпрецизни денес Божовиќ со 5, Крстевски и Матиќ со по 3, Бувиниќ, Петров, Кузмановски и Талески со по два погодоци.
Со овој пораз, Металург ги завршува настапите во ЛШ на последното место во групата Д, со 4 освоени бода.