Откако минатата сезона Вардар повторно за влакно не се пласираше на Фајнал 4 тунирот, раководството на клубот и новата сезона ја стартуваше амбициозно, повторно наметнувајќи ја целта Вардар да дојде до завршниот турнир. За таа цел донесе неколку засилувања (Македа, Деревен, Циндриќ. Марсениќ, Манасков) и како и претходната сезона на екипата и овозможи врвни услови за тренинг и напредок.

И стручниот штаб и ракометарите тоа го оправдаа. Оваа полусезона стана јасно дека Вардар се етаблираше во врвот на европскиот ракомет. Сезоната ја почна одлично со 4 победи на првите 4 меча. Можеби единствениот кикс беше во 5-то коло. Поразот од Колдинг остави горчина кај вардаровите навивачи, во ситуација кога е јасно дека Вардар е значително поквалитетен тим од данскиот првак. Потоа следуваа 4 мечеви во кои Вардар и покрај тоа што забележа 3 порази, стана јасно дека може да се носи со секоја екипа на стариот континент. Тесните порази од Барса и огромниот триумф од 10 голови разлика над Киелце во Скопје, покажаа дека екипата оправдано има високи амбиции.

Играчки, РК Вардар не бил никогаш посилен и со поширок ростер. Тоа особено ќе биде важно во вториот дел од сезоната кога само екипите со доволно свежина ќе можат да одат до крај, до борба за титулата.

Сепак, со изгубените бодови (особено двата против Колдинг), Вардар до најголемиот успех ќе мора да оди по потешкиот пат. По 10 кола, Вардар е на 5-то место во групата и во последните 4 кола има две тешки гостувања против директните конкуренти за подобар пласман (Рајн-Некар Левен и Пик Сегед), по кои ќе се знае противникот на македонскиот првак во 1/8 финалето. Иако има многу комбинации во исклучително изедначената група, се чини дека првиот меч по паузата со Рајн-Некар е решавачки.

Во ситуација кога пред нас е Европскиот шампионат во Полска, најважно е играчите на Вардар да останат здрави и екипата да биде комплетна во битката за што повисок пласман.

МакРакомет, на екипата на Вардар и посакува многу успех и да се оствари желбата на армијата навивачи на клубот – Вардар да биде првиот македонски ракометен клуб на Фајнал 4 турнирот во Келн!