Викендов се одиграа натпреварите од групите од четвртфиналето од Купот на Македонија. Екипите кои обезбедија учество во полуфиналето се: РК Металург, РК Охрид и РК Вардар Јуниор. Четвртиот и последен учесник во полуфиналето ќе биде познат утре. Во СЦ „Јане Сандански“ најнапред ќе се сретнат екипите на Вардар и Работнички, а победникот од овој дуел ќе се сретне во финалето на групата со екипата на Металург 2, која во полуфиналниот натпревар ја победи екипата на Ѓорче. Финалната средба ќе се одигра во 17:30 часот.
Екипата на Металург стана првиот полуфиналист, откако во првиот полуфинален натпревар во својата група успеа да ја совлада велешката екипа Борец 33:24. Металург лесно се справи со оваа екипа и сосема очекувано обезбеди финале во групата. Противник на Металург во финалето беше екипата на РК Радовиш, која беше подобра од одличната екипа на ХЈС Работник. Финалната средба и припадна на екипата на Металург, која забележа убедлива победа над РК Радовиш 38:19 и сосема заслужено се најде помеѓу четирите најдобри.
Во групата што се одигра во Охрид, домашната екипа на РК Охрид беше најдобра и обезбеди место во полуфиналето во Купот на Македонија и го запиша најголемиот клубски успех досега. Во првиот натпревар помеѓу екипите на РК Прилеп и РК Вардар 2, подобра беше екипата на Прилеп која е и поискусна од младата екипа на Вардар 2, 35-28. На РК Прилеп во финалето на групата и се придружи и домашната екипа РК Охрид која во еден одличен натпревар ја совлада екипата на Тинекс Пролет, 27:21. Финалната средба и припадна на РК Охрид кој пред својата публика извојува победа 35:32 и обезбеди учество во завршницата на Купот на Македонија.
Во Скопје, во СРЦ „Кале“ се одигра уште една четврфинална група на која победник е екипата на РК Вардар Јуниор. Составот на Манасков стана полуфиналист во Купот на Македонија. Вардарци стартуваа со убедлива победа над Макс Струмица 33:23. Во финалето Вардар Јуниор ги одмери силите со Пелистер кој пак во првиот полуфинален натпревар во групата го совлада Младост 34:26. Вардарци и во вториот натпревар забележа победа над Пелистер 30:24 и со оваа победа обезбеди настап во полуфиналето на Купот на Македонија.