Викендов се одиграа натпреварите од последното 18-то коло од првата основна фаза од ВИП Супер лигата. Веќе на неколку кола пред крајот познати беа екипите кои обезбедија учество во плејофот – разигрувањето за шампионската титула. Екипите кои се од 5-тото до 10-тото место ќе играат во плејаут и ќе се борат за подобра позиција на табелата, но и за опстанок во Супер лигата.
Во продолжение следува преглед на последното 18-то коло од ВИП Супер лигата за секој натпревар поединечно:
1) РК Металург 2 – РК Работнички 27:31 (14:14)
Последното коло од првата фаза од нашето најсилно ракометно натпреварување го отворија екипите на РК Металург 2 и РК Работнички во меѓусебен дуел. На домашен терен Металург 2 се обиде да дојде до изненадување и до својата прва победа во досегашниот дел од првенството. Поискусната екипа на Работнички сепак успеа на крајот да дојде до победа, иако тоа беше потешко од очекувањата. Младите ракометарти на Металург 2 одлично се спротиставија на оваа екипа, а за тоа сведочи и резултатот на полувремето 14:14. Оваа млада екипа одигра одличен натпревар, но за жал на самиот крај не успеа да дојде до поволен резултат, иако со право можеме да кажеме дека беа подобар противник на оваа средба. Се до 53-тата минута се играше гол за гол, а последен пат резултатот беше изедначен на 24:24. Од овој момент, искуството пресуди и ракометарите на Работнички со серија од 5:0 успеаа да дојдат во водство. Металург 2 на самиот крај постигна 1 гол и успеа да го ублажи поразот, 27:31. Најефикасни на овој натпревар за екипата на Металург 2 беа Димитриоски со 7 и Стојковски со 5 голови, а од екипата на Работнички се истакна Илиќ со 12 голови.
2) РК Тинекс Пролет – РК Металург 17:25 (7:16)
Екипата на Металург успеа да остане непоразена и по 18 одиграни натпревари. Во последното коло од оваа прва фаза, екипата на Тинекс Пролет ја пречека екипата на Металург. Металург успеа да слави победа на гостинки терен со високи 17:25. Уште на самиот почеток, екипата на Металург наметна силно темпо и веќе кон финишот на првите 30 минути имаше предност од +8, 5:13. До истекот на првите 30 минути, домашната екипа успеа да постигне 1 гол и да замине на пауза со -9, 7:16. Вториот период беше само формалност, во играта на Тинекс Пролет ништо не се промени. Екипата на Металург со добра одбрана го натера противникот на избрзани шутеви од неизградени позиции кои тие успешно и брзо ги реализираа од контра напади. Водството на Металург се зголемуваше и на крајот достигна до максимални +12, 17:25. Најдобри поединци на овој натпревар беа Трајковски Стефан од екипата на Тинекс Пролет кој постигна 5 голови, а од екипата на Металург најдобар беше Марко Бувиниќ кој постигна 7 голови.
3) РК Прилеп – РК Радовиш 34:34 (21:15)
Одличен натпревар следевме во Прилеп, помеѓу екипите на РК Прилеп и РК Радовиш. Екипата на РК Прилеп веќе обезбеди учество во плејофот и овој натпревар немаше никакво значење за нив. Овој натпревар заврши без победник, 34:34, иако резултатот на полувремето беше во корист на домаќинот 21:15. На почетокот на второто полувреме, ракометарите на Прилеп го зголемија водството на +7, 24:17. Од овој момент следуваше неверојатна игра на гостинската екипа која полека и сигурно успеа најнапред да ја преполови оваа разлика 24:21, а веќе кон крајот на овој натпревар успеа да изедначи и да поведе 33:34. Водството од 1 гол гостите не успеаа да го задржат, а домаќините со гол во последните секунди успеаа да го избегнат поразот. Најефикасни на овој натпревар беа Талевски и Секулиќ од екипата на Прилеп кои постигнаа по 5 голови, а од екипата на Радовиш стандардно најдобриот стрелец Илиев кој и овој пат постигна 12 голови.
4) РК Вардар Јуниор – РК Охрид 23:22 (14:12)
Вистинско изненадување се случи на ,,Кале“ на натпреварот помеѓу екипите на РК Вардар Јуниор и РК Охрид. Домаќинот Вардар Јуниор испадна подобра и поуспешна екипа и заслужено дојде до победа, 23:22. Во текот на целиот натпревар, оваа екипа имаше водство, а највисокото беше +3 на неколку пати. Во последните минути од натпреварот имаше неизвесност, екипата на Вардар Јуниор имаше водство од 23:21. Гостинската екипа усшеа да постигне 1 гол кој сепак не беше доволен за поволен и позитивен резултат. На овој натпревар најефикасни беа Поповски и Чурлевски со по 7 голови од екипата на Вардар Јуниор, како и Стојановиќ од екипата на РК Охрид кој постигна 8 голови.
5) ГРК Борец – РК Пелистер 25:30 (11:11)
Во Велес се сретнаа екипите на ГРК Борец и РК Пелистер кои во понатамошниот дел од сезоната ќе играат во плејаут фазата и ќе се борат за што подобар пласман, но и за опстанок во Супер лигата. Домаќините не успеаа да дојдат до победа пред својата публика, иако резултатот на полувремето беше 11:11 и се очекуваше неизвесен крај на натпреварот. На стартот од второто полувреме, Пелистер успеа да постигне 2 голови во низа и да дојде до водство од+2 и истото го одржуваше до пред самиот крај, кога повторно со серија на голови успеаа да дојдат и до највисоко водство од +5 и да ги постават конечните 25:30. Одличен натпревар од екипата на Борец одигра Мачавелов кој постигна 6 погодоци, како и Игнов и Тодоровски кои постигнаа по 5 погодоци. Од екипата на Пелистер најдобри беа Чантурија со 9 голови и Дрогришки со 7 голови.