Вчера се одиграа 3 натпревари од 11-тото коло од ВИП машката Супер лига. Ова коло ќе го заокружат натпреварите на РК Металург и РК Тинекс Пролет во текот на наредната недела заради обврските на двете екипи што ги имаат во Европските натпреварувања. Без многу изненадувања помина 11-тото коло. Екипата на Охрид очекувано високо ја совлада младата екипа на Металург 2. РК Прилеп на домашен терен ја совлада екипата на ГРК Борец нанесувајќи и го осмиот пораз сезонава. РК Вардар Јуниор остана непоразен, ја совлада екипата на РК Радовиш и успеа да слави и да остане на 5тата позиција на табелата.
Во продолжение следува детален преглед на секој натпревар поединечно.

  • РК Охрид – РК Металург 2

Во Охрид се одигра натпреварот помеѓу екипите на РК Охрид и РК Металург 2 во кој очекувано славеше екипата на РК Охрид со високи 40:26 (21:8). Иако однапред се знаеше исходот на оваа средба, сепак младите ракометари на Металург 2 и не така лошо му се спротиставија на домаќинот. Уште на самиот почеток домашната екипа направи серија од 9:0, за 11:2, па од тој момент водството на РК Охрид се зголемуваше и на полувремето достигна до +13, 21:8 Второто полувреме беше само формалност, но во второто полувреме младата екипа на Металург 2 заигра посамоуверено и на самиот крај со серија од 3 голови успеа да го ублажи поразот, 40:26.
Најефикасни на овој натпревар беа Тасески со 6 голови од екипата на Охрид и Димитриоски со 9 голови од екипата на Металург 2.

  • РК Вардар Јуниор – РК Радовиш

Во натпревар за борба за подобра позиција на табелата, екипата на Вардар Јуниор на домашен терен успеа да ја совлада екипата на Радовиш со 24:22 (14:12). Натпреварот го отвори домашната екипа со 2 гола во низа. Во текот на првото полувреме се водеше вистинска борба, радовишани никако не се предаваа до самиот крај на полувремето, но и до крај на натпреварот иако домашната екипа во текот на целиот натпревар имаше минимално водатво. Сепак на крајот Вардар Јуниор успеа да слави со +2, 24:22.
Најефикасни на оваа средба беа Чурлевски со 6 голови од Вардар Јуниор, како и Илиев со 8 голови од екипата на Радовиш.

  • РК Прилеп – ГРК Борец

Екипата на Прилеп овој пат беше подобра од екипата на ГРК Борец 28:24 (14:12) и со оваа победа ги задржаа шансите за сигурна завршница, во плејофот. Домаќините имаа константно водство во текот на целиот натпревар, а најчесто водството беше +2. Во текот на второто полувреме ГРК Борец доаѓаше и до 1 негатива, но никако не успеа да дојде до изедначување. На крајот заслужено славеше екипата на РК Прилеп, 28:24.
Најефикасни на овој натпревар беа Талевски и Ангеловски од РК Прилеп со по 7 голови и Стојановски Зоран од ГРК Борец со 9 голови.