Викендов се одиграа 4 натпревари од ВИП Супер лигата. Во одличен натпревар екипата на Борец беше подобра од екипата на Пролет 62. Одлична партија прикажаа ракометарите на Пелистер кои на домашен терен успеаа да го совладаат Вардар Јуниор. Во дуелите помеѓу Радовиш и Работнички, како и Металург 2 и Прилеп поуспешни беа гостинските екипи, Работнички и Прилеп. Екипата на Металург заради обврските во Лигата на шампионите својот натпревар од ова 12-то коло ќе го одигра во текот на наредната недела.
Во продолжение следува поединечен детален преглед на секој од овие 4 натпревари.
- ГРК Борец – РК Пролет 62
По подолго време, екипата на Борец успеа да слави и да запише нови 3 бода совладувајќи ја екипата на Пролет 62 со резултат 21:16. На овој натпревар немаше многу постигнати голови, со оглед на тоа дека на крајот на првото полувреме беше 8:6. Во текот на првото полувреме домаќините имаа константно водство, а истото се случуваше и во второто полувреме. Борец беше подобар противник и сосема заслужено победи на овој натпревар. Најефикасни на овој натпревар беа Мачавелов со 7 голови од Борец и Стојановски со 8 голови од Пролет 62.
- РК Пелистер – РК Вардар Јуниор
Во Битола, екипата на Пелистер на домашен терен успеа да слави над незгодната екипа на РК Вардар Јуниор. Во текот на првото полувреме Пелистер имаше контрола врз резултатот и го одржуваше своето водство од 3 до 5 голови, а на крај на првото полувреме резултатот беше 15:10. Во второто полувреме водството на Пелистер достигна и до +7, а крајниот резултат на овој натпревар беше 27:22. Најефикасни на овој натпревар беа Дрогришки со 9 голови од екипата на Пелистер, а од екипата на Вардар Јуниор, Вујачиќ со 7 голови.
- РК Радовиш – РК Работнички
Екипата на Работнички успеа да слави среде Радовиш со 24.26. Уште на самиот почеток, гостите наметнаа брза и цврста игра, а тоа резултираше со водатво од +3. (12:15). И второто полувреме помина во доминација на гостите. Екипата на Работнички дојде до нова победа, совладувајќи го Радовиш со 2 голови разлика, 24:26. Најефикасни на оваа средба беа Илиев од Радовиш со 10 голови и Илиќ од Работнички со 9 голови.
- РК Металург 2 – РК Прилеп
Во петокот се одигра натпревар помеѓу екипите на РК Металург 2 и РК Прилеп, во Автокоманда. На овој натпревар помеѓу овие 2 екипи беа вкупно постигнати неверојатни 77 голови, 34:43. Иако однапред се беше јасно, сепак младите ракометари одлично се спротиставија на противникот. Ракометарите на Прилеп одлично го започнаа натпреварот со серија од 5:0. Веќе по неколку минути игра водството на Прилеп се зголеми и во еден момент дојде и до +10, 16:26. На крајот екипата на Прилеп славеше со 34:43. Со вкупно 77 постигнати голови овој натпревар од ВИП Супер лигата влегува во историјата на македонскиот ракомет. Најефикасни на овој натпревар беа Стојковски од Металург 2 со неверојатни 11 голови од исто толку обиди, а од екипата на Прилеп Ѓорѓиевски со 9 голови.