Овој викенд се игра 13-тото коло од ВИП машката Супер лига. Во натпреварите што се одиграа, првите две екипи на табелата во моментов, екипите на РК Металург и РК Прилеп беа поуспешни од своите противници и успеаа да запишат одново по 3 бода. Со победа во 13-тото коло е и екипата на Работнички која на домашен терен го совлада тимот на Пелистер, како и екипата на ГРК Борец која со неколку победи во низа успеа да се искачи 2 места погоре на табелата. Денес ќе се одигра последниот натпревар од 13-тото коло помеѓу екипите на РК Охрид и РК Радовиш. РК Охрид  ја има улогата на домаќин на овој натпревар. Натпреварот е закажан со почеток во 19 часот, а ќе се одигра во спортската сала ,,Билјанини Извори“ во Охрид. Директен пренос од овој натпревар можете да следите на официјалната страна на Ракометната федерација на Македонија.

Во продолжение следува детален преглед на секој натпревар поединечно од ова 13-то коло од ВИП Супер лигата.

  • РК Пролет 62 – РК Прилеп

Гостинската екипа на РК Прилеп успеа да слави на гостувањето кај екипата на Тинекс Пролет со 26:33 (16:19). Домашната екипа го отвори резултатот постигнувајќи два погодока во низа, за почетно водство од 2:0, но сето тоа кратко траеше затоа што РК Прилеп со иста  мера врати, па резултатот на семафорот беше идентичен. Свое водство, екипата на Пролет имаше само во воведните минути, последно 6:5. Од овој момент па се до крајот на првото полувреме, екипата на Прилеп имаше контрола врз резултатот, а нејзиното водството се зголемуваше. По истекот на првите 30 минути, РК Прилеп имаше 4 позитива, 10:14. Добрата игра на прилепчани продолжи и во вторите 30 минути, а највисокото водство на оваа екипа беше +8, 17:25. РК Прилеп сосема заслужено успеа да слави во Скопје со 26:33.

Најефикасни на овој натпревар беа: Николовски и Стојановски (РК Пролет) со по 6 голови и Димитриј Турченко (РК Прилеп) со 9 голови.

  • РК Металург – РК Металург 2

Ракометарите на Металург ја запишаа својата 13-та победа сезонава од исто толку натпревари. Овој пат очекувано РК Металург беше подобар од својот втор тим, тимот на РК Металург 2 со 35:16 (17:6). Иако однапред се знаеше епилогот од оваа средба, сепак младите ракометари на Металург 2 достојно му се спротивставија само 8 минути на искусниот и европски Металург. Натпреварот го отвори домашната екипа на РК Металург, а потоа следуваше и изедначување 1:1 кое беше и единствено на натпреварот. Вистинскиот квалитет и искуството беа пресудни тимот на Червар да замине на одмор со двоцифрена предност, +11, 17:6. Второто полувреме беше само формалност, а водството на Металург се зголемуваше се до самиот крај. Конечниот резултат на оваа средба беше 35:16.

Најефикасни на оваа средба беа: Велковски (РК Металург) со 7 голови и Димитриоски (РК Металург 2) со 4 постигнати голови.

  • РК Работнички – РК Пелистер

Со натпреварот помеѓу овие две екипи се отвори новото 13-то коло од ВИП машката Супер лига.  Ракометарите на Работнички на домашен терен по втор пат успеаа дојдат до победа и нови 3 бода на табелата, со кои си го осигураа третото место. Во првото полувреме имаше една изедначена борба, а за тоа ни сведочи резултатот по истекот на првите 30 минути, каде што домашната екипа на РК Работнички имаше минимално водство од +2, 12:10. Со добра игра во напад и одбрана на Работнички, но и со технички грешки на екипата на Пелистер, водството на домаќинот на крајот на натпреварот се зголеми на +5, за конечни 26:21 и нова победа на екипата на РК Работнички.

  • РК Вардар Јуниор – ГРК Борец

Екипата на Вардар Јуниор во 13-тото коло беше изненадена и поразена на домашен терен, откако гостите од Велес пружија одлична партија и сосема заслужено дојдоа до својата четврта победа оваа сезона 26:29 (13:13). Нерешениот резултат на крајот на првото полувреме беше знак дека претстои еден тежок, цврст и крајно неизвесен натпревар. Иако во натпреварот вардарци влегоа самоуврено, со почетно водство од 3:0, сепак ракометарите на Борец вратија со иста мерка па по неколку минути имаше и изедначување на резултатот. Во вториот дел, гостите со серија од 3 гола уште на самиот почеток навестија дека не се предаваат така лесно.  Со низа на голови и двете екипи си го преземаа водството едни на други. Сепак на крајот поуспешна беше гостинската екипа, екипата на ГРК Борец која успеа да слави со 26:29. Со оваа победа, велешани успеаа да се издигнат 2 места погоре и да ја завземат седмата позиција после екипата на Радовиш која е  со 15 бодови и со натпревар помалку.

Најефикасни на овој натпревар беа: Вујачиќ (РК Вардар Јуниор) со 9 голови и Стојановски (ГРК Борец) и Игнов (ГРК Борец) со по 8 голови.