Изминатиов викенд се одиграа 4 натпревари од 9-тото коло од ВИП машката Супер лига. Во ова 9-то коло се сретнаа екипите на: РК Работнички – РК Металург 2, РК Металург – РК Тинекс Пролет, РК Пелистер – ГРК Борец и РК Радовиш – РК Прилеп. Ова 9-то коло помина без многу изненадувања. Домашните екипи во овие 4 натпревари беа поуспешни, освен во Радовиш, каде победата ја однесе екипата на РК Прилеп. Во продолжение следува детален преглед на натпреварите од ова коло.
- РК Работнички – РК Металург 2
Екипата на Работнички дојде до својата нова победа овој пат против младата екипа на Металург 2. Уште на самиот почеток Работнички дојде во водство од +5 не дозволувајќи му на противникот во воведните минути од натпреварот да го постигне својот прв гол, 5:0, а веќе по 11 минути игра резултатот на семафорот беше 10:1 во корист на домаќинот. Младите ракометари по неколку минути се соземаа па вратија со 5 голови во серија, враќајќи се резултатски со -4 негатива, 10:6. Сепак до крајот на првото полувреме Работнички успеа повторно да го зголеми водството на +9 заминувајќи на одмор со резултат 18:9. Второто полувреме помина во целосна доминација на домаќинот. Работнички во второто полувреме дојде до водство и до +10. Во текот на второто полувреме РК Металург 2 успеа да ја намали разликата на -7, но повторно домаќините ја зголемија предноста на +8 до самиот крај на натпреварот за конечни 32:24.Најпрецизни на овој натпревар беа Илиќ од РК Работнички со 14 голови и Димитриоски со 7 голови од РК Металург 2.
- РК Пелистер – ГРК Борец
На овој натпревар, Пелистер дојде до својата втора победа сезонава, победувајќи ја екипата на ГРК Борец. Пред своите навивачи и верна публика, битолчани успеаа да слават со +5, 25-20 (14-9). Иако на почетокот на натпреварот почетно водство имаа гостите со 0:3, сепак домаќините брзо се вратија и дојдоа до првото изедначување на резултатот 6:6. Во останатиот дел од првото полувреме, екипата на Пелистер со огранизиран напад и добра одбрана успеа да си создаде солидна предност на крајот на првото полувреме 14:9. Во второто полувреме, ракометарите на Пелистер успешно го контролираа своето водство. Иако ГРК Борец во еден дојде и до -2 негатива сепак на крајот заслужено успеа да слави домашната екипа со 25:20. Најефикасни на оваа средба беа Икономов, Мачелов и Лазаревски со по 4 постигнати голови од екипата на Борец, а од победничката екипа на Пелистер, Маџовски со 7, Димитровски со 6 и Дрогришки со 5 голови.
- РК Металург – РК Тинекс Пролет
Во натпревар од 9-тото коло, во кој се сретнаа екипите на РК Металург и РК Тинекс Пролет, поуспешна беше домашната екипа РК Металург. Почетното водство на овој натпревар го имаше гостинската екипа, 0:1. Во првото полувреме гледавме една рамноправна игра, полувреме во кое екипата на Тинекс Пролет достојно му се спротистави на Металург. Високата и цврстата одбрана како и одбраните на Дупјачанец, овозможија Металург да замине на полувремето со водство од 5 голови, 11:6. Во второто полувреме, домаќините успеваа да го контролираат резултатот. На момент екипата на Тинекс Пролет со неколку серии од по 3 погодоци успеваше резултатски да се доближи на -4, 19:15. Во последните минути екипата на Металург притисна и со тоа го зголемија своето водство на +9 за конечни 27:18. Најефикасни на овој натпревар беа одличниот Костески со 8 погодоци од Металург и Стојановски со 6 погодоци од Тинекс Пролет.
- РК Радовиш – РК Прилеп
Прилепчани на овој натпревар во улога на гости, успеаа да запишат нова победа, победувајќи ја одличната екипа на РК Радовиш. Иако првото полувреме заврши во корист на домаќините 18:16, сепак второто полувреме помина во целосна доминација на РК Прилеп кој го доби второто полувреме со неверојатни 19:12. Крајниот резултат на овој натпревар е 30:35. Со оваа победа на РК Прилеп се отвора шанса за настап во плејофот. Екипата на РК Радовиш за да дојде до завршницата потребни му се 2 победи, против екипите на Вардар Јуниор и Охрид.