Викендов се одиграа натпреварите од првото коло од ВИП машката Супер лига, кои уште од самиот почеток ни најавија дека ќе гледаме една одлична и крајно неизвесна сезона. Битолското дерби ја отвори сезоната, во крајно интересен и неизвесен натпревар, каде искуството беше пресудно, пелистерци издвојуваа победа. Истиот ден, ракометарите на Металург 2 направија изненадување, со одигрувањето реми кај гостувањето на Тинекс Пролет. Во Радовиш се одигра многу интересен и возбудлив натпревар, во кој радовишани издвојуваа победа, иако ракометарите на Борец имаа водство во поголемиот дел од натпреварот. Додека РК Охрид и РК Прилеп очекувано славеа над екипите на Работнички и Вардар Јуниор, со што го заокружија ова прво коло.

  • Пелистер 24:21 Работник

Подобро отварање на сезоната не можевме ни да посакаме. Покрај скопското дерби, конечно добивме друго дерби, и тоа не било каде, туку во ракометна Битола. Искусниот Пелистер ја пречека условно кажано гостинската екипа на Работник, која е дебитант во Супер лигата. Одличен натпревар за око, крајно неизвестен до самиот крај, каде пресуди искуството на пелистерци, кои заслужено победија со 24:21 и го добија првото битолско дерби. Кај гостите најдобар играч може слободна да го прогласиме Чурлевски, кој одлично го разигруваше нападот и натпреварот го заврши со 5 погодоци. Додека кај домаќините најрасположен во нападот беше Вешовски, кој постигна 6 погодоци, а на голот блескаше Кирил Колев со 11 одбрани.

  • Тинекс Пролет 26:26 Металург 2

Ракометарите на Тинекс Пролет беа фаворите уште пред почетокот на натпреварот. Одлично го започнаа, со серија до 5:0, но „плаво-белите“ до полувреме успеаа да го намалат на само -1 (13-12). Како во првиот, така и во вториот дел Пролет водеше во најголем дел од мечот, но упорните гости со голот во последните секунди на Крстевски стигнаа до реми (26:26) и поделба на бодовите. Најефикасен кај домаќините беше Ласко Андоновски со 8 постигнати погодоци, додека кај Металург 2 беше Горан Крстевски со 7 погодоци, кој беше прекомандуван од првиот тим.

  • Радовиш 26:25 Борец

Возбудлив натпревар се одигра и во Радовиш, каде домашната екипа иако губеше скоро цел натпревар, на крајот успеа да го победи Борец со 26:25. Иако велешани имаа предност од 7 погоди (20:13), домаќините полека но сигурно ја стопија предноста и стигнаа до 22:20. Каде во финишот со серија од 4:0 обезбедија голема победа над екипата на Борец. Најефикасен кај домаќините беше Милосавлевиќ со 10 постигнати погодоци, додека кај гостите најефикасен беше Ивица Илиев со 11 постигнати погодоци. Натревар по кој велешани можат само да жалат за испуштената победа …

  • Работнички 18:29 РК Охрид

Пред почетокот на новата сезона, поради финансиски проблеми Работнички го напушти комплетната прва постава. Па тренерот Васиќ со комбиниран состав од младинци и неколку ракометари кои останаа во клубот им се спротистави на РК Охрид, кој истотака направи промени во својот состав, но квалитетот од минатата сезона успеа да го задржи. Уште на самиот почеток од натпреварот, охриѓани најавија дека се дојдени по трите бодови. Со неколку серии, веќе по 28 минути игра имаа двоцифрена предност (6:17), со која и заминаа на пауза. За во второто полувреме рутински го завршат натпреварот, за конечни 18:29. Најефикасен кај гостите беше Блажески со 9 постигнати погодоци, додека кај домаќините Гајиќ со 5 постигнати погодоци.

  • РК Прилеп 31:24 Вардар Јуниор

Ракометарите на Прилеп очекувано славеа над Вардар Јуниор со 31:24 во премиерниот натпревар за нив оваа сезона. Елиминација од Винтертур во Купот на ЕХФ, сепак не беше пречка за момците на Петрески засилени со левиот бек од Грузија, Теимураз Орјоникидѕе, со голманот Трајковски и со пикерот Тренчевски, да слават убедливо над реновираниот Вардар Јуниор, кој успешно се држеше само во првото полувреме. Во второто полувреме се одлепија прилепчани со две мини серии, што потоа само рутинуирано го завршија натпреварот со конечни 31:24. Најефикасен кај домаќините беше крилото Менде Петкоски со 7 постигнати погодоци, додека кај гостите најефикасен беше Мартин Манасков со исто толку постигнати погодоци.